Линкови за пристапност

Русија подготвена за „сите можности“; САД нудат пакет-помош за Украина


Путин ја смета политичката смена во Украина за противуставен државен удар; Кери во Киев ја подвлекува американската поддршка за украинскиот суверенитет.

Американскиот државен секретар Џон Кери пристигна во Киев, каде ќе објави пакет-помош од една милијарда долари за Украина.

Додека Кери ја демонстрираше американската поддршка за привремената украинска влада, рускиот претседател Владимир Путин најави дека неговата земја е подготвена да ги употреби сите можности за да ги заштити Русите во Украина, но дека се надева дека не ќе мора да употреби сила.

Во првиот јавен коментар откако соборениот украински претседател Виктор Јанукович побегна од Киев, Путин рече дека политичката смена во Украина претставува противуставен државен удар и преземање на власта со оружје, како и дека Јанукович се` уште е легитимен водач на земјата, без оглед што не постојат шанси тој повторно да биде избран.

Коментарот на Путин уследи среде растечката криза во врска со руското армиско присуство во украинскиот регион Крим. САД и европските сојузници размислуваат за санкции против Русија поради движењата на нејзините армиски сили во Украина. Путин, пак, кажа дека оние кои разгледуваат таква можност би требало да размислат и за штетата што ќе ја претрпат од таквата мерка.

За време на посетата на Украина, Кери треба да се сретне со членовите на привремената влада и да ја подвлече американската поддршка за украинскиот суверенитет. Гаранциите за заемот што се очекува да го понуди се наменети за намалување на влијанието на предложените кратења на енергетските субвенции за украинските жители.

Додека Кери беше на пат за Украина, Путин нареди десетиците илјади војници што учествуваа во вежба во западниот дел на Русија, близу границата со Украина, да се вратат во касарните. Вежбата и онака беше планирано да заврши, така што не е јасно дали потегот е со намера да ја намали напнатоста. Москва негираше дека вежбата, што започна минатата недела, има некаква врска со ситуацијата во Украина.

Синоќа во Белата куќа, претседателот Барак Обама се сретна со Кери, со секретарот за одбрана Чак Хегел и со други членови на тимот за национална безбедост, за да разговараат за евентуалните политички потези.

Претходно, Обама го повика Конгресот да одобри пакет-помош за новата украинска влада.

Напоредно со дипломатскиот притисок, Пентагон вчера соопшти дека ги прекинува армиските контакти со Русија. Портпаролот на Пентагон, контраадмиралот Џон Кирби кажа дека потегот има цел да ја поттикне Москва да работи на намалување на кризата во Украина и дека прекинот се однесува на маневри, билатерални средби, посети во пристаништа и планирања на конференции.
XS
SM
MD
LG