Линкови за пристапност

Расте осудата за наводниот хемиски напад во Сирија


Москва бара истрага, но и сириските бунтовници да гарантираат безбедни услови за инспекторите на ОН.

Русија и Кина се приклучија на меѓународните повици да се спроведе истрага за наводниот напад со отровен гас во близина на Дамаск. Американскиот претседател Барак Обама, пак, коментираше дека се работи за случај што создал сериозна загриженост.

Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека треба да се спроведе објективна истрага за тврдењата на сириската опозиција дека неделава загинале стотици лица во напад со хемиско оружје и ја повика сириската влада да соработува. Москва воедно бара бунтовниците да гарантираат безбедни услови за инспекторите на ОН кои веќе се во Сирија, работејќи на претходните наводи за хемиски напади. Министерството се огласи по телефонскиот разговор меѓу шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и неговиот американски колега Џон Кери.

И кинеското Министерство за надворешни работи ја поддржа истрагата на ОН, преку новинската агенција Ксинхуа коментирајќи дека Пекинг е решително против хемиско оружје, без разлика кој го употребил.

САД инистираат на истрага преку ОН. Претседателот Обама за Си-Ен-Ен изјави дека владата собира информации за случајот. Наводниот напад, вели тој, е очигледно голема работа, за сериозна загриженост.

Обама рече дека голем број луѓе во светот сега очекуваат Вашингтон да реагира, но дека „претставата дека САД можат туку-така да решат еден секташки, комплексен проблем внатре во Сирија е преувеличена“.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун предупреди дека секаква употреба на хемиско оружје во Сирија би претставувала злосторство против човештвото и би резултирала во сериозни последици. ОН нации веќе формално побарале од сириската влада да им овозможи на инспекторите на светската организација да извршат итна истрага.

Сирија негира дека употребила хемиско оружје.
XS
SM
MD
LG