Линкови за пристапност

Штипските професори повторно не се избрани во новите звања


Со тоа истовремено им завршува и работниот однос.

Д-р Александар Костадиновски, еден од тројцата професори коишто 21 ден штрајкуваа со глад, денес со возило на Итна помош бил донесен на штипската клиника во прединфарктна состојба, според медиумските извештаи.

Тој, Крсте Шајноски и Маргарита Матлиеска го започнаа протестот откако управата на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип, и покрај одлуката на Државниот просветен иснпекторат и позитивниот извештај на Рецензентската комисија, не им додели повисоко звање. Првиот штрајк со глад на универзитетски професори во независна Македонија потоа предизвика и протест на Синдикатот за образование, наука и култура - СОНК пред Министерството за образование, во знак на поддршка на професорите штрајкувачи, но и како барање за подобри услови во науката, образованието и културата во Македонија и повисоки плати.

Но, на денешната седница на Научно-наставниот совет, деканот на Економскиот факултет при УГД, Ристо Фотов и професорите коишто го подржуваат, повторно одбија да ги прифатат позитивните рецензии и да ги изберат во повисоки звања тројцата професори коишто штрајкуваа со глад, со што истовремено им завршува работниот однос. И додека дел од медиумските извештаи главно се задржуваат на здравствената состојба на Костадиновски, другите наведуваат дека на седницата, којашто наводно по барање на Фотев продолжила со присуство на универзитетското обезбедување, осум колеги на штрајкувачите биле против, а петмина биле за нивен избор во повисоко звање.

Според медиумите, деканот Фотов поднел и пријава за напад од Матлиеска којашто наводно го изгребала на раката, а еден од оштетените, Шајноски најавил во медиумите дека одлуката ќе биде обжалена.

XS
SM
MD
LG