Линкови за пристапност

Сноуден не го очекува смртна казна доколку биде испорачан


Писмо на американскиот главен обвинител до својот руски колега.

Официјален Вашингтон и` порача на Русија дека нема да бара смртна казна за Едвард Сноуден, или пак да го измачува овој поранешен работник под договор на американското разузнавање, доколку руските власти го испорачаат во САД, каде е обвинет за шпионажа.

Во писмо упатено неделава до својот руски колега, главниот американски обвинител Ерик Холдер наведува дека тврдењата на Сноуден дека би можел да биде измачуван или убиен „се целосно неосновани“. Холдер изнесува и дека обвинението за шпионажа против Сноуден не вклучува можност за смртна казна, како и дека тортурата во САД е против законот.

Според писмото што беше објавено денеска, Сноуден навремено би бил изведен пред суд доколку биде испорачан.

Рускиот претседател Владимир Путин веќе еднаш го одби американското барање за испорачување. Неговиот портпарол денес го повтори истиот став, додавајќи дека претставници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) се во дискусија со американското Федерално истражно биро (ФБИ) во врска со Сноуден, но не даде други детали, освен дека тој нема да биде испорачан.

Сноуден веќе еден месец е во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево, барајќи начин да замине за трета земја, со што би го избегнал судењето во САД. Но, САД го поништија неговиот пасош, со што тој е заглавен на аеродромот. Во меѓувреме побара привремен азил од Русија, но самиот најави дека на крајот би сакал да замине за Латинска Америка. Левичарските влади на Венецуела, Боливија и Никарагва веќе му понудија азил.
XS
SM
MD
LG