Линкови за пристапност

СДСМ останува надвор од Собранието, најави нова стратегија


Стратегијата вклучува слушање на потребите и проблемите на граѓаните и заедничко дефинирање на реални и прифатливи решенија

Опозицискиот СДСМ од денеска почнува да дејствува согласно нова стратегија.

Стратегијата, што денеска ја промовираше водачот на оваа партија Зоран Заев, се базира на четири столба.

Првиот столб е наречен „Работиме заедно“. Тој, според Заев, ќе биде партнерски однос, односно слушање на потребите и проблемите на граѓаните и заедничко дефинирање на реални и прифатливи решенија.

Вториот столб на стратегијата носи наслов „Чесна понуда“ и предвидува и откривање на нови корупциски афери од највисокиот врв на власт, како и темелна опсервација на работата на сите институции.

Третиот и четвриот столб се наречени „Силна СДСМ“ и „Партнерства за демократска Македонија“. Тие предвидуваат зајакнување на внатрешните редови на партијата како соработка со граѓанскиот сектор.

Над 5.000 тима ќе бидат во постојан контакт со секое семејство во државата. Ќе се формира Централен систем на комисии, како пандан на владината министерска структура, што треба активно да ги следи состојбите, проблемите и одлуките во секое министерство, но ќе предлагаат и решенија, мерки и активности. Истиот концепт ќе се примени и на органите и институциите на централно и локално ниво, изјави Заев.

Пратениците на СДСМ и натаму остануваат надвор од Собранието. Тие како, што вели Заев, ќе почнат со одржување прес-конференции а ќе се одржуваат и отворени седници по паркови, сали, амфитеатри.

СДСМ, како што било одлучено на Централниот одбор на партијата што се одржал вчеравечер, останува на одлуката за барањето за формирање на техничка влада шест месеци пред организирање на парламентарни избори.

„Ние остануваме на ставот дека шест месеци пред наредните избори, кога и да се одржат тие, треба да се формира техничка влада. Само така ќе се сподели одговорноста за практична реализација на тоа што ќе го договориме“, рече Заев, додавајќи дека поимот „техничка влада може да се модифицира во „четири министерства во рацете на опозицијата“. Според него, СДСМ бара таква гаранција затоа што, како што додаде, нивната доверба неколку пати била злоупотребена од власта.

Централниот одбор на партијата ги исклучи од партијата пратеничките Солза Грчева и Љубица Буралиева за непочитување на партискиот став за бојкот на парламентот. Засега, според Заев, нема сигнали, ниту најави дека некој од останатите пратеници ќе се премисли и ќе го следи примерот на Буралиева и Грчева.

XS
SM
MD
LG