Линкови за пристапност

Анти-американските протести се очекува да продолжат


САД го засилија обезбедувањето на своите дипломатски инсталации во светот, додека властите се подготвуваат за повеќе насилни демонстрации на Блискиот исток.

Со засилени безбедносните мерки на претставништвата во светот САД очекуваат продолжување на демонстрациите на Блискиот исток како реакција на филмот против Исламот, кој е сниман и продуциран во Америка.

Особено по петочните молитви се очекува зголемување на масовноста на собирите.

Во раните утрински часови, египетската полиција користеше солзавец за да ги растера демонстрантите во близина американската амбасада во Каиро, веќе четврти ден по ред. Но, за разлика од вторникот, демонстрантите беа спречени пред да се доближат до амбасадата на САД.

Насилни протести по Блискиот исток
Насилни протести по Блискиот исток
Во четвртокот, египскиот претседател Мохамед Морси вети заштита за странците во Египет, истовремемо осудувајќи го филмот против Исламот, но и насилството.

Во меѓувреме, либиските официјални лица уапсија четворица во поврзаност со нападот врз американскиот конзулат во Бенгази во кој беше убиен американскиот амбасадор Кристофер Стивенс и тројца од неговиот персонал. Официјални лица не обезбедија дополнителни детали.

Американски разузнавачки агенции истражуваат евентуална вклученост на милитанти поврзани со ал-Каида во нападот во Бенгази, но засега, велат, за тоа нема конкретни докази.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон го осуди аматерскиот филм снимен во САД во кој се навредува пророкот Мохамед.

„Владата на САД нема ништо со ова видео“, рече таа во четвртокот. Апсолутно ја отфрламе содржината и пораката. За нас, и за мене лично, овој видео материјал е одвратен и заслужува прекор. Неговата цел е да оцрни голема религија и да испровоцира гнев“, изјави Клинтон.

Демонстранти во Каиро, Египет
Демонстранти во Каиро, Египет
Демонстрациите почнаа на почетокот на неделата во Египет и Либија се проширија во други држави, вклучувајхќи го Јемен, Иран, Ирак и Бангладеш. Демонстрациите во Јемен во близина на американската амбасада во главниот град резултираа со четворица загинати.

Јеменскиот претседател Абед Рабо Махсур Хади веднаш го осуди насилството и вети дека ќе ги заштити американските државјани во Јемен. Белата куќа рече дека американскиот претседател Барак Обама му се јавил на Хади и му се заблагодарил за неговата брза реакција.

По насилството во кое беше убиен американскиот амбасадор во Либија, САД испратија два воени бродови и тим на маринци од одделот за анти-тероризам, но и агенти од ФБИ да ги заштитат Американците.

Кристофер Стивенс беше прв американски амбасадор убиен на должност од 1979-та. Клинтон ги идентификуваше другите двајца загинати - поранешни припадници од водот на армиски специјални сили (СЕАЛ), Тајрон Вудс и Глен Доерти.

Промотивното видео за анти-исламскиот филм било постирано на Ју-Тјуб во јули. Со превод на арапски почнал да циркулира на Блискиот исток пред неколку денови. Делови од видео-материјалот се потсмеваат со пророкот Мохамед како на подол човек, хомосексуалец, злоставувач на деца и со други навредливи епитети.

Филмот наиде на осуда ширум светот и во САД.

„Невиноста на Муслиманите“ е филм кој бил продуциран од човек кој се претставува како Сем Басил, кои за новинските агенции се изјаснил како Американец од израелско потекло. Консултант на филмот вели дека неговото име е псевдоним и оти има сугестии дека личноста која стои зад филмот е Египќанец од религијата на православните Копти кој живее во Калифорнија. Во Холивуд нема информации за филмот или за продуцентот.

Неколку новински организации го поврзаа филмот кој ги потпали страстите во муслиманскиот свет со Американецот од муслиманско потекло Накоула Баселеј Накоула, кој живее во Калифорнија и бил осуден за лажирање на банкарски сметки. Тој вели дека обезбедил логистика за продукцијаа на филмот.

Друг човек од Калифорнија, кој вели дека работел како консултант на проектот е Стив Клејн, кој дал противречни информации за потеклото и финансирањето на филмот. Клејн е основач на анти-муслимански други групи кои шират омраза.
XS
SM
MD
LG