Линкови за пристапност

Заев сведочеше за пријавата за масовно прислушување


Водачот на опозицијата вели дека дал исказ во Обвинителството во својство на оштетен во аферата за којашто СДСМ поднесе кривична пријава

По кривичната пријава што ja поднесе СДСМ за неовластено масовно прислушување и следење на комуникации на илјадници граѓани, денес партискиот претседател Зоран Заев како сведок, односно оштетен, даде исказ во Јавното обвинителство.

Претходно, СДСМ поднесе кривични пријави за неовластено следење на комуникациите против директорите на УБК и на Петтата управа во МВР, како и против непознати сторители. Правните застапници на СДСМ соопштија дека доставиле снимани телефонски разговори на Заев, којшто наводно бил прислушуван најмалку четири години, уште пред неговиот избор за водач на опозицијата. Потоа, СДСМ достави до Обвинителството проширување на кривичната пријава за неовластено прислушување, но, според медиумските извештаи, на денешниот распит во Обвинителството, Заев не сакал да зборува за прашањата што му биле поставени таму. Наводно, тој елаборирал дека тужбите се поднесени за да се остави трага дека опозицијата реагирала на сознанијата за прислушување на над 20 илјади граѓани и за да се покаже на дело прекршувањето на Уставот и на законите.

„Како што знаете, во Обвинителството бев повикан како сведок - оштетен врз основа на пријавата што ja поднесовме за неовластено прислушување... Познато е дека ние изразивме сомневање во правосудниот систем. Сепак, од познати причини, ја поднесовме кривичната пријава, за да оставиме писмена трага и да покажеме дека ги почитуваме Уставот и законите на Македонија“, изјави Заев. Тој потенцираше дека иако на Обвинителството како институција, како и на другите правосудни органи, им е нарушен угледот само од поединци, сепак постои надеж дека ќе се врати довербата на граѓаните во правосудните институции, со победата на „вистината во Македонија“.

„Истовремено, испраќаме порака дека дигнитетот на Јавното обвинителство и на другите правосудни органи е нарушен од поединци, но во овие институции работат многу други чесни луѓе, што ни дава надеж дека ќе постапуваат во согласност со законите. На тој начин тие може да испишат нова историја и ние тоа јавно ќе го поздравиме“, рече Заев. „Самата вистина и отворањето на вистината е порака никогаш да не ни се повтори ваква ситуација, кога некој се дрзнал да прислушува повеќе од 20 илјади граѓани“, кажа претседателот на СДСМ.

На ваквите коментари на Заев немаше реакција од Јавното обвинителство.

Инаку, водачот најголемата опозициска партија е четвртоосомничен во случајот „Пуч“ за којшто кривични пријави поднесе МВР, за наводно „насилство врз претставници на највисоките државни органи“.

„Се' уште не сме повикани, ниту јас, ниту некој од луѓето кои ги познавам, кои се во притвор. Знам дека тие ќе одлучат кога ќе имаат доволно докази, значи таму нема ниту обвинителен акт, ниту друг вид на постапка“, рече Заев.

XS
SM
MD
LG