Линкови за пристапност

Обама: САД мора да бидат подобро подготвени за климатските промени


„Комбинацијата на посилни невремиња со зголемените морски нивоа е рецепт за уште поштетни поплави“

Додека делови на сојузната држава Тексас се на удар на рекордни поплави, претседателот Барак Обама порача дека земјата мора да биде отпорна на влијанието на климатските промени.

Обама синоќа го посети Националниот центар за урагани во Мајами, каде што се запозна со подготовките за новата сезона на ваков вид на невреме којашто официјално започнува на 1-ви јуни. Тој рече дека глобалното затоплување има значителен ефект врз фрекфентноста и јачината на ураганите.

„Најдобрите климатски научници во светот порачуваат дека екстремните временски услови како ураганите најверојатно ќе станат уште посилни. Комбинацијата на посилни невремиња со зголемените морски нивоа е рецепт за уште поштетни поплави“, кажа Обама.

Надојдени води на реката Сан Хакинто во Тексас
Надојдени води на реката Сан Хакинто во Тексас

Американскиот претседател смета дека иако климатските промени не го предизвикале ураганот Сенди – последниот поголем ураган којшто го има погодено американскиот атлантски брег во 2012-ра – тие сепак ја зголемиле неговата јачина.

И денес продолжува опасноста од поплави во Тексас, овојпат во областа околу Далас. Поројните дождови од пред неколку дена однесоа најмалку 21 човечки живот. Ова е рекордно ниво на врнежи од дожд во Тексас за месец мај, уште од кога почнало водењето на метеоролошки податоци во 1895-та година. Метеоролозите не очекуваат реките да се врата на нормалното ниво во коритата се` до јули.

XS
SM
MD
LG