Линкови за пристапност

Обама: Треба повеќе да се работи за зголемување на платите


Реакција на претседателот на САД по извештајот на Одделот за труд за состојбата со пазарот на работна сила

Претседателот Барак Обама изјави дека најновиот извештај е „добар“, но додаде дека претстои уште многу работа за да пораснат и платите.

За време на обраќање во Универзитетот на Висконсин, американскиот претседател подвлече дека додека во САД веќе 64 последователни месеци е забележан пораст на бројот на работни места во приватниот сектор, многу луѓе чувствуваат дека не можат да напредуваат.

Според извештајот на Одделот за труд објавен во четвртокот, во САД во јуни биле отворени нови 223.000 работни места, а нивото на невработеност е намалено за две десетини од процентен поен и сега е 5,3 проценти.

Ова е најниско ниво на невработеност од 2008-та, наваму. Сепак официјални лица велат дека нивото е опаднато делумно бидејќи преку 400.000 се откажале од барање работа заради што не се бројат како невработени.

Во извештајот се наведува дека нови работни места биле отворани во деловниот сектор, здравствената грижа и трговијата во малопродажбата. Работни места биле загубени во рударскиот сектор, вклучувајќи ја нафтената индустрија, којашто е погодена од паѓањето на цената на горивото.

Бројот на Американци коишто останале без работа се намалил за 375.000 и сега изнесува 8,3 милиони, а дополнителни 6,5 милиони бараат осумчасовна работа, но можат да најдат само таква со скратено работно време, стои во извештајот на Одделот за труд.

Претставници на Белата куќа велат дека американската економија изминатата година отворила 2,9 милиони работни места, а за изминативе пет години тоа прави 12,8 милиони.

Обама истакна и дека спроведените реформи во системот за здравствена заштита не и` наштетиле на американската економија, како што предвидуваа републиканците.

Тој кажа дека „она што сопствениците на бизниси го плаќаат во надници и плати, сега расте побрзо од она што го плаќаа за здравствена грижа“. Обама додаде дека ова се случува за прв пат од 1990-те, наваму.

XS
SM
MD
LG