Линкови за пристапност

Доделени наградите „Никола Младенов“ за 2014-та


Новинарот Љубиша Арсиќ ја доби првата награда за најдобра истражувачка сторија којашто ја доделува Македонскиот институт за медиуми

„Колку, пред се`, до државните органи кои ќе ги чепнеме, колку ќе допре ова до нив, за тие да ги исправат грешките за кои ние пишуваме. Сепак, ние новинарите – истражувачи, јавно ќе се оградиме од новинарите - безрбетници и ќе им покажеме дека ние сме тие кои ќе го зачуваме достоинството на нашата професија“, изјави денес новинарот на неделникот „Фокус“ Љубиша Арсиќ, кому му беше доделена првата награда за најдобра истражувачка сторија во 2014-та. Таа традиционално, веќе 14-ти пат, ја доделува Македонскиот институт за медиуми, а последните две години го носи името на Никола Младенов, новинарот чијашто смрт во контроверзната сообраќајна несреќа се` уште ги бранува духовите во Македонија.

Првонаградениот Љубиша Арсиќ
Првонаградениот Љубиша Арсиќ

Втората награда ја доби новинарката на „Вест“ Соња Колевска-Делевска, а третата - новинарите Сашка Цветковска, Владо Апостолов и Нела Лазаревиќ, за истражувањето - заеднички проект на БИРН и ТВ Нова.

Признанието, коешто се доделува „како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во Македонија“, првонаградениот Арсиќ го доби за серијата текстови за „исчезнатите“ машини за печатење од МВР и коишто резултираа со текстот за „фабриката за изработка на пасоши“, афера којашто засега остана без разрешица.

Новинарката Колевска-Делевска е наградена за серијата текстови за силувањето на малолетници во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ и за затајувањето на институциите при морбидното злосторство, а третонаградените тројца автори наградата ја освоија за текстот „Победникот на тендерот за Дрисла: ниту искуство, ниту инвестиции“, за нетранспарентната и сомнителна зделка за скопската депонија.

Од 28-те автори коишто учествувале со 49 стории, признанија и пофалници добија и новинарите Марија Митевска, Владимир Калински, Влатко Стојановски, Валентина Стојанчевска и Жаклина Хаџи-Зафирова.

XS
SM
MD
LG