Линкови за пристапност

Конференција во Скопје за Самитот во Велс


„Никој не сака Македонија да влезе во НАТО повеќе од САД“, рече амбасадорот Волерс на средбата што ја организираше Евро-атлантскиот совет на Македонија.

Во пресрет на самитот на НАТО закажан неделава во Велс, денеска во Скопје се одржа конференција со наслов „Иднината на НАТО - предизвици и очекувања“ во организација на Евро-атлантскиот совет на Македонија (ЕАСМ).

„Нема план оваа година да бидат примени нови членки на самитот во Велс. САД веруваат дека Македонија ќе стане вредна членка на НАТО, но прашањето е кога. Остануваме посветени на политиката на отворени врати и ќе продолжиме, односно Алијансата ќе продолжи да работи со Македонија и со другите земји кандидати за да се оствари членството во НАТО. Никој не сака Македонија да влезе во НАТО повеќе од САД, како што повеќепати сме рекле“, изјави на конференцијата амбасадорот на САД, Пол Волерс.

Тој подвлече дека Македонија, како партнер, игра многу важна улога во Алијансата и постојан сојузник во сите мировни операции.

Претседателот на ЕАСМ, Исмет Рамадани, нагласи дека Македонија е подготвена да стане членка со исполнети 16 акциски планови за членство, но дека единствена препрека за нејзиното зачленување и понатаму е спорот со Грција.

„Ние сме дел и природно и припаѓаме на трансатлантската врска и идните предизвици на НАТО се и наши предизвици. Не можеме да се изолираме и да речеме дека се` што се случува денес во светот ќе не одмине. Република Македонија треба силно да продолжи на патот кон евроатлантските интеграции и како и досега да ги преземе сите обврски и задачи за да го обезбеди своето место меѓу сојузниците. Република Македонија е дел од речиси сите програми на НАТО, што ја потврдува нашата определба, нагласи Рамадани.

Во името на ЕАСМ тој потсети дека за Македонија се` уште важи заклучокот од самитот во Букурешт, дека со решавање на името, веднаш на ниво на амбасадори може да добиеме поканата за полноправно членство во НАТО.

На конференцијата, за предизвиците на НАТО и претстојниот самит говореше амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет. Според него, главна тема на средбата во Велс ќе биде иднината на НАТО како сојуз што треба да биде подготвен за секој можен иден предизвик.

„Битно е да се потсетиме дека додека Британија е домаќин на овој самит, тој е во сопственост на сите. Важно е да се изгради стабилност во светот, и има три основни цели: да се земат предвид долгорочните импликации на руско-украинската криза и промената во геостратешките приоритети на границите на НАТО. Британија ќе се потруди да осигура дека ова ќе води до смирување на страстите и да се одбијат понатамошните руски напади. Второ, да се согласиме на следното поглавје НАТО-врската со Авганистан и трето, да се осигура дека НАТО се обраќа кон новите закани и предизвици како што се сајбернападите. Ние исто така ќе се потрудиме да ги зголемиме инвестициите во безбедноста и да понудиме иницијативи за интероперабилност. Конечно, ќе се потрудиме да дојдеме до согласност за вооружените сили и за фер третман на членовите на овие воени сили и нивните семејства“, рече Гарет, нагласувајќи дека самитот во Велс треба да докаже дека НАТО е сојуз цврст како камен, со многу партнерства низ светот и којшто што работи на сигурна околина во која што економиите може да растат.

XS
SM
MD
LG