Линкови за пристапност

Заев бара ТВ-дуел со Груевски


Повод - обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за непотизам.

„Зоран Заев два дена одбива да даде одговор на едно просто и едноставно прашање: Дали татко му и чичко му добивале јавни набавки и договори со Општина Струмица и со општинските установи? Да или не?“, праша денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров. Ден претходно, истото прашање го постави и премиерот Никола Груевски.

По серијата обвинувања, претседателот на СДСМ денеска излезе на прес-конференција.

„Не сум дал тендер на мојот татко или чичко. Институцијата која склучила договор е детската градинка Детска радост која има одговорно лице кое не се вика Зоран Заев. Оваа институција е во надлежност на општината, а целата постапка е водена во соодветна процедура во согласнот со законот за судир на интереси. Да имаше било какво прекршување на постапката, одамна ќе имавте поднесено кривична пријава против мене со мерка притвор“, изјави Заев, одговарајќи на обвинувањата од највисоките структури на владејачката партија.

Тој додаде дека на различни тендери добиле и пратеници и советници на ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, прес-конференцијата ја искористи повратно за да упати прашања кон премиерот Груевски за непотизам.

„Дали е непотизам назначувањето на Вашиот прв братучед Сашо Мијалков за директор на ДБК? Дали со ваквата поставеност на Мијалков му овозможивте да има неконтролирана моќ, да сее страв и трепет во државата? Дали Сашо Мијалков е создавачот на Вашата криминална олигархија која според некои проценки има стекнато личен капитал во вредност од фантастични една милјарда евра? Дали во овој случај Никола Груевски и Сашо Мијалков имаат судир на интереси и заеднички семеен бизнис интерес? Дали Вие, Мијалков и Ставревски сте мозокот на операцијата во која последниве 7 години се одлеани повеќе од 3,5 милијарди евра пари на граѓаните во непознат правец и во приватни џебови? Ова е грабеж од епски размери што го разори македонското стопанство, ги упропасти домашните компании, на граѓаните им натовари тешка сиромаштијата“, рече Заев.

Тој упати и јавна покана до премиерот Груевски за ТВ дуел.

На јавниот настап на Заев уследи реакција од ВМРО- ДПМНЕ во која се вели: „Заев призна дека татко му добивал јавни набавки од општинските институции. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го тврдеше, Заев го потврди. 30.479.891 денари од сметката на Јавната општинска установа легнале на сметките на Панчо Заев, татко му на Зоран Заев“.

Според партијата, станува јасно како се градела империјата Заеви - со општинските пари, префрлани до приватните фирми на роднините и блиските луѓе на Заев. ВМРО-ДПМНЕ го товари Заев дека Фирмата Зови промет, фирма на таткото на струмичкиот градоначалник, од Јавната општинска установа Детска радост и претходно, во повеќе наврати, добивала јавни набавки и договори.
XS
SM
MD
LG