Линкови за пристапност

Различни толкувања на референдумот за ГТЦ


Де факто резултат што не може да се игнорира или порака против политичка злоупотреба?

„Им честитам на граѓаните, кои и покрај притисоците, излегоа и гласаа. Дојдовме до фрапантен резултат, 95 отсто од граѓаните гласаа за ГТЦ да го задржи автентичниот изглед. Оваа порака која граѓаните ја испратија, кажува само едно, дека автентичноста на ГТЦ не смее никој да ја наруши! ГТЦ освои најмногу гласови во историјата, повеќе од било која политичка партија досега на избори во Општината Центар. Да имаше реален избирачки список, излезноста ќе беше над 60 проценти. Де јуре, референдумот не успеа, ама де факто, ова се резултати кои не можат да се игнорираат. Ние и понатаму ќе ги користиме сите можни средства за да го зачуваме ГТЦ, ваков каков што е“, изјави градоначалникот на скопската Општина Центар, Андреј Жерновски, откако вчеравечер стана јасно дека не успева граѓанска иницијативата за спречување на реновирањето на скопскиот Градски трговски центар поради негово вклопување во контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Откако Владата излезе со идеја – и ГТЦ, како едно од главните обележја на македонската престолнина кон крајот на 20 век да се „пресоблече“ во „барокно“ руво, реагирааа архитектите, граѓанските активисти од невладините организации и граѓаните на Општината. Граѓанската инцијатива „Го сакам ГТЦ“ организираше кампања за зачувување на изгледот на објектот - решение на познатиот починат архитект и професор Живко Поповски - и разни настани, меѓу коишто и симболичного „гушкање“ на Центарот од граѓаните коишто се држеа за раце околу него.

Сепак, на референдумот во неделата не беше исполнет потребниот цензус од 50 отсто (наместо потребните речиси 22.000 гласа според Избирачкиот список, идејата за зачувување на автентичноста на објектот во огромен процент ја поддржаа излезените над 17.000 избирачи, но останатите не гласаа) па сега на Владата и` е отворен патот за „барокизација“ и на последниот поголем објект во строгиот центар на Скопје што досега го сочува својот идентитет.

Според архитектката Даница Павловска од Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ референдумот сепак е успешен бидејќи 17.844 лица гласале да се задржи автентичниот изглед, а недоволниот успех со излезноста на референдумот нема да ги спречи активистите да ја продолжат битката за ГТЦ.

И активистот Никола Писарев смета дека не се работи за пораз оти се покажало дека околу 17.000 илјади луѓе сметаат дека ГТЦ треба да го задржи автентичниот изглед.

„Утре нема да стават тараби на ГТЦ, така што ако стават - не знам, може ќе ги бутнеме тарабите, може ќе се врземе за столбови, може ќе се самозапалиме, не знам. Не можам во моментов да ви кажам затоа што е прерано, веќе другата недела ќе почнеме со наредните активности на Иницијативата“, изјави Писарев.

Опозициониот СДСМ испрати соопштение во коешто оцени дека референдумот покажал дека граѓаните се спротиставуваат на политиките на власта.

„Огромно мнозинство, над 95 проценти од граѓаните што излегоа на референдумот, го дадоа својот глас за зачувување на автентичноста на ГТЦ“. Според партијата, во услови на непрочистен Избирачки список и со, како што се наведува, притисоците врз граѓаните за време на референдумот, се работи за успех.

Поинаку смета владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, „неуспехот на референдумот е силна и јасна порака не само на граѓаните на Општина Центар, туку од сите, дека нема да дадат поддршка на сценарија и политичка злоупотреба која нема никаква конкретна позитивна цел за самите граѓани“. Тој оцени и дека мнозинството граѓани на Центар покажале дека не ги одобруваат политиките на СДСМ и на нивната коалиција

Владата не се изјасни за неуспехот на граѓанската иницијатива, но од Град Скопје за медиумите изјавиле дека реконструкцијата на ГТЦ нема да почне во следните неколку месеци, зашто се` уште се подготвувала студијата за исплатливоста и начинот на инвестирање. Според дел од најавите во медиумите, реализацијата на ваквиот проект би чинела 50 милиони евра.

Пред две години, надележната комисија го избра проектот на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов со идејно решение по кое ќе се врши реконструкцијата на ГТЦ. Така, се планира ГТЦ да има уште еден кат, три куполи, антички столбови и скулптури, во стилот на решенијата на двајцата автори коишто ја проектираа и „барокната“ фасада на Владата, и новите објекти на Водовод и ЕЛЕМ.

Активистите кои ја водеа кампањата за сочувување на авторското дело на архитектот Поповски и за оригиналниот изгледот на ГТЦ, најавуваат дека една од варијантите за понатамошно спротивставување на „барокизацијата“ е и покренување иницијатива за прогласување на ГТЦ за објект на културното наследство, што би значело и законска обврска за зачувување на неговата автентичност.

XS
SM
MD
LG