Линкови за пристапност

Шиповиќ екстрадиран во Македонија


Претседателот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ е притворен во затворот Скопје

Ноќеска е извршена екстрадицијата од Австрија на претседателот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ, кој под силно полициско обезбедување е пренесен во притвор во затворот Скопје во Шутка. Според дел од македонските медиуми, спроведувањето од аеродромот било со обезбедување од припадници на полициските специјалци, a на репортерите не им било дозволено фотографирање.

Веднаш штом австриските власти ја одобрија екстрадицијата уште на 4-ти ноември и таа во македонското Министерство за правда стигна пред две недели, СДСМ побара нивниот функционер да се брани од слобода, затоа што „ниту имал намера да бега, ниту ќе бега, а својата невиност ќе ја докаже пред македонските судови“.

СДСМ и денес апелираше институциите предводени од ВМРО-ДПМНЕ да создадат услови претседавачот на Советот на општина Центар да се брани од слобода, за да се одблокира Советот и да ја продолжи својата работа во интерес на граѓаните на Центар. Според опозицијата, власта води политички процес против Шиповиќ, што претставува „класичен обид за погазување на волјата на граѓаните“. Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски кажа дека досегашните чекори на владејачката ВМРО-ДПМНЕ „преку МВР и преку своите советници во Центар јасно покажуваат дека власта сака да ја блокира работата на Општина Центар“. Манчевски рече и дека МВР под притосок на јавноста не можело веќе да го одолговлекува процесот со екстрадицијата на Шиповиќ и дека и самото „тајно спроведување, во доцните вечерни часови и далеку од очите на јавноста е уште еден скандал сам по себе кој покажува дека власта има потреба нешто да сокрие“.

Реагирајќи на обвиненијата на опозцијата, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска истакна дека во случајот на претседавачот на Советот на општина Центар, провосомничен во случајот „Претседавач“, МВР ги превземело сите дејствија согласно со законот. Според министерката, опозицијата не ги познава законите и процедурите за споведување на екстрадиција.

„Ваквата нивна изјава не е ништо друго туку уште еден обид лица од опозицијата да вршат притисок врз работата на институциите. Меѓутоа, евидентно е дека институциите си ја работат својата работа и не потклекнуваат на притисоците од опозицијата кои се многу чести и веќе станаа правила на работа на СДСМ“, нагласи министерката.

Таа ја негираше тајноста во постапката на екстрадицијата и на спроведувањето, со објаснување дека општо е познат секојдневниот термин на летот од Виена до Скопје, 365 дена во годината во исто време.

Реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, според која „СДСМ наместо да се бори за градење на правна држава, како и многу пати досега се става во одбрана на своите членови кои се осомничени за криминал. СДСМ не треба да биде партија која ќе биде параван за влегување во незаконски работи. Не смеат граѓаните да ги делат на нивни партиски функционери за кои не може да се поведе постапка ако се осомничени за криминал, и сите останати граѓани за кои важат законите“.

ВМРО-ДПМНЕ демантира дека централната власт ја блокира работата на Општината Центар, во која на локалните избори граѓаните и` дадоа довербата на опозцијата.

„ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ја блокира работата на Советот во Општина Центар и тоа сме го покажале со многу одлуки кои преку советничка група сме ги поддржале, а биле во интерес на граѓаните“, се вели во реакцијата на владјеачката партија.

Претседателот на Советот на Центар беше приведен од австриската полиција на 15-ти октомври по издадената потерница од Македонија, како првоосомничен за наводен стопански криминал во фирмата „Машинопромет“.
XS
SM
MD
LG