Линкови за пристапност

Макeдонија и Грција ќе соработуваат околу бегалската криза


Средба на македонскиот амбасадор во Атина со грчкиот заменик-министер за надворешни работи

Македонскиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов на вчерашната средба во Атина, одржана на негова иницијатива, со заменик-министерот за надворешни работи на Грција, задолжен за европски прашања, Никос Ксидакис побарал унапредување на соработката меѓу грчката и македонската гранична полиција.

„На средбата, која се одржа во пријателска атмосфера, беше разговарано за билатералната соработка, главно за прашања за бегалците и миграцијата, со акцент на акутната форма што ја доби ова прашање во Идомени. Покрај тоа, се разговараше и за можностите кои се отворија за двете земји во контекст на мерките за градење доверба“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

Според македонските медиуми, амбасадорот Ангелов и неговиот соговорник, разговарале за состојбата на границата со бегалците и за почетокот на спроведувањето на селективните мерки на Србија, Хрватска, Словенија и Унгарија, кои ги пропуштаат само лица „завојуваните подрачја“, Сирија, Ирак и Авганистан, а ги затворија границите за лицата кои доаѓаат од државите кое наводно не се зафатени со воени дејствија, и кои според селекционите критериуми се третираат како економски мигранти.

Ангелов му соопштил на Ксидакис дека Македонија мора да се прилагоди на новиот режим на земјите кои се посеверно на балканската бегалска рута и дека не е во состојба долгорочно да сместува бегалци и мигранти на својата територија. Според него, евентуалната изградба на ограда на дел од македонско-грчката граница, не значи блокирање на бегалската рута, туку обид да се заштити границата од илегални премини без регистрацијата која се врши во Гевгелија.

Амбасадорот Ангелов побарал размена на безбедносни информации со јужниот сосед и навремени најави за нови приливи на бегалци, а грчкиот заменик-министер потврдил дека ќе се подигне нивото на соработка на два соседа.

И денес на граничната линија меѓу Македонија и Грција, се наоѓаат неколку стотини лица, третирани како економски мигранти, од Иран, Бангладеш, Пакистан, Алжир, Мароко, Шри Ланка, Сомалија..., на кои веќе седум дена не им се дозволува влез во Македонија. Дел од нив во знак на протест ги зашија устите, не јадат и не пијат течности, и според дел од медиумите, нивната здравствена состојба е влошена. Тие и понатаму скандираат, пејат и бараат да се отвори границата и да добијат третман како бегалците од Сирија.

Од 19 јуни, кога стапија на сила измените на Законот за азил и привремена заштита, низ Македонија регистрирано поминале 278.120 мигранти, а азил побарале само 76 лица.

XS
SM
MD
LG