Линкови за пристапност

Победи Македонија


Оптимизам, но и акцентирање дека допрва претстои работа во реакциите на договорот за решавање на политичката криза во Македонија

„Доаѓа време на отрезнување и освестување, кога сите институции треба да го покажат својот капацитет и подготвеност да се справуваат со сето она што го попречува нашиот евроатлански пат“, рече претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов во обраќањето до граѓаните по повод постигнувањето на договор меѓу политичките лидери за решавање на повеќемесечната политичка криза во земјата.

„Очекувам во најкраток можен рок да се нормализира политичката клима и да се врати целосната посветеност на евроинтеграциите на Република Македонија. Токму на ова поле ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и меѓусебна соработка. Партиите, да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и да ги анализираат последиците од сите нивни активности и неактивности. Сите треба да извлечеме поука од оваа криза. Европската агенда мора повторно да биде прв приоритет на дневниот ред во Република Македонија“, истакна Иванов.

Тој ја уважи на Европската комисија, Европскиот парламент и на ЕУ и САД во земјава, заради тоа што „вложија многу напор, како и за тоа што во вакви моменти имаме пријатели кои мислат за иднината на Македонија“.

„Со постигнатиот договор сите ја препознавме европската моќ на обединување. Отсуството на дијалогот и непочитувањето на институциите се во основата на секоја криза што сме ја имале досега“, кажа Иванов, додавајќи дека тој, како претседател, останува „отворен за сите добронамерни иницијативи во интерес на граѓаните и државата“.

Иванов изрази и надеж дека „одредбите од постигнатиот договор нема да бидат мотив за гола борба за власт, туку натпревар на идеи и програми со кои ќе се добива довербата на граѓаните на Република Македонија“, бидејќи, како што рече, „суштината на политичката борба не се личните суети и кариери, туку битка за просперитетна и европска Македонија“.

Пофални зборови за Договорот од Пржино, како што и неофицијално се нарекува, имаше и амбасадорот на САД во земјавата Џес Бејли, којшто учествуваше во неговото постигнување.

„Македонија победи. Сакам да ги пофалам лидерите што постигнаа договор синоќа и ги ставија граѓаните пред политичките интереси на партиите. Самиот договор ќе значи многу работа и исполнувањето на одредбите од тој договор ќе значи дека Македонија силно ќе се придвижи кон НАТО и ЕУ“, изјави Бејли, изразувајќи уверување дека „САД, заедно со нашите партнери ЕУ и ОБСЕ ќе бидат заедно за да помогнат во напредокот на Македонија“.

Американскиот амбасадор е единствениот којшто им се заблагодари и на новинарите коишто во текот на вчерашниот ден со часови чекаа на исходот на средбата, истакнувајќи дека „медиумите се битен чинител во овој процес“.

На синоќешниот договор реагираа и неколку помали политички партии, и од позицискиот, и од опозицискиот блок.

Од Демократскиот сојуз, којшто е дел од владината коалиција, најавија дека ќе побараат „одговорност да понесат генераторите на кризата, која нанесе огромна штета на Република Македонија“. Партијата го оцени договорот како „значаен компромис за демократска и европска Македонијa“.

За Либерално-демократската партија, „Никола Груевски е детронизиран, а поразот на Груевски ќе биде запечатен со отворање на транспарентна истрага од страна на специјалниот јавен обвинител за содржините, доказите и аргументите од проектот `Вистината за Македонија`“.

„Тоа ќе значи кривична и секаква друга одговорност за сите инволвирани во криминалните активности кои се правеа во изминатиот период под владение на Груевски и неговите послушници. Само така ќе се врати довербата во судскиот систем. Со заминувањето на Груевски завршува ерата на арамилакот, манипулациите, криминалот и изживувањата на режимот врз македонските граѓани“, се наведува во соопштението од ЛДП.

„Договорот е широка политичка рамка, но ДОМ очекува дека при неговото спроведување ќе сопрат редица негативни процеси“, велат од партијата на Лилјана Попоска, којашто неодамна ја напушти владината коалиција.

„Во континуитет имаме изјавено дека овој полички театар и игра треба да заврши што поскоро, се` со цел последиците врз населението на ова земја да бидат помали“, стои во реакцијата на НДП.

XS
SM
MD
LG