Линкови за пристапност

Земјотреси предизвикани од човекот


Истражувања наоѓаат врска меѓу потресите и нафтеното и гасно дупчење со хидраулично напукнување

Серија нови сеизмолошки истражувања најде се` поголема поврзаност меѓу нафтените и гасни дупчења и загрижувачкиот пораст во бројот на земјотреси во областите каде што не е вообичаено да постои сеизмичка активност.

Не е нова вест дека одредени аспекти на нафтените и гасни дупчења може да доведат до помали земјотреси. Но, проблемот носи нова ургентност со фактот дека САД последниве години рапидно го прошируваат производството на нафта и гас.

Главен виновник е се` почестата употреба на контроверзната технологија на дупчење, позната како хидраулично напукнување или „фракинг“. Процесот вклучува внесување на вода, песок и хемикалии под висок притисок длабоко во карпестите формации во земјата. Тоа ослободува гас и нафта од карпите, но истовремено создава големо количесто на отпадна вода. Проблемот е што да се прави со неа, вели Роџер Масон од Британското геолошко здружение.

„Ако ја втиснете и ја складирате во длабочината на земјата, токму тоа може да предизвика земјотрес во таа област“, наведе Мусон во телефонскиот разговор со Гласот на Америка.

Неколку неодамнешни извештаи на сеизмолошки авторитети исто така изразуваат загриженост поради земјотресите предзвикани од човекот. Истражувањето на Американското геолошко здружение се фокусирало на 17 области во осум сојузни држави во централниот и источниот дел на САД, коишто се новоназначени како изложени на опасност од земјотреси. Земјотресите најчесто се случуваат на западното крајбрежје. Сите овие области се „лоцирани близу бунари преку коишто водата се втиснува во земјата или други индустриски капацитети коишто може да предизвикаат земјотрес“, стои во извештајот на Здружението.

Најдраматичен пораст на земјотреси предизвикани од човекот во САД се регистирани во Оклахома. Пред 2008-ма, во оваа сојузна држава биле регистрирани еден до два земјотреси годишно и не биле посилни од 3 степени. Сега се регистираат еден до два дневно со тој интензитет.

Поддржувачите на дупчењето со хидраулично напукнување истакнуваат дека процесот помогнал за развивање на американската економија и ја намалил американската зависност од странска нафта. Истовремено, тврдат дека врската меѓу земјотресите и дупчењето е преувеличена.

XS
SM
MD
LG