Линкови за пристапност

Потрагата се прошири во Индискиот Океан


И натаму не се знае каде е малезискиот патнички авион што исчезна саботата

Малезиските власти соопштија дека драстично го прошируваат и онака веќе големиот обем на потрага по патничкиот авион што исчезна во саботата додека леташе на релација Куала Лумпур - Пекинг, случај што посекако прерасна во една од најголемите мистерии на современата авијација

Малезискиот министер за транспорт Хишамудин Хусеин денес кажа дека нови околности, што не ги наведе, ја прошириле потрагата така што сега го опфаќа и Индискиот Океан, илјадници километри од местото каде Боингот 777 со 239 патници и членови на екипажот исчезна од радарите на цивилните воздухопловни служби. Тој соопшти и дека потрагата е проширена и на зафрлени делови на Јужното Кинеско Море.

Министерот не даде нови информации за тоа каде би можел да се наоѓа авионот на „Малезија ерлајнс“. Тој одби да коментира на извештаите дека авионот, со часови откако скршнал од курсот и исчезнал, продолжил да праќа автоматски електронски сигнали до комуникациските сателити.

Вчера, американски официјални лица соопштија дека сателитите уловиле слаби сигнали, познати како „пинг“. Засега не е јасно дали ваквата информација може да доведе до локацијата на авионот, ниту пак дали авионот бил во воздух кога сигналите биле испратени.

Хишамудин рече дека Малезија соработува со САД во врска со сателитските податоци за исчезнатиот авион, но дека би било несоодветно „јавно да бидат објавени информации се` додека не се потврдени“.

Во потрагата се вклучени 57 бродови и 48 авиони од 13 земји.
XS
SM
MD
LG