Линкови за пристапност

Фондацијата Клинтон призна пропусти во пријавувањето на даноци


Вкупниот приход бил точен, но по грешка ги вклучил странските донации со другите придонеси

Фондацијата Клинтон призна дека направила грешки во финансиските извештаи за донациите од странски влади додека Хилари Клинтон беше на функцијата државен секретар. Случајот се заканува да стане политички проблем на почетокот на нејзината кампања за претседателските избори 2016-та.

Во вчера дадената изјава, вршителката на функцијата извршна директорка Маура Пали кажа дека Фондацијата најверојатно ќе треба одново да го пријави данокот за неколку години откако ќе заврши проверката на донациите. Таа рече дека вкупниот приход на Фондацијата во оригиналните пријави бил точен, но дека по грешка ги вклучил странските донации со другите придонеси, иако информацијата со одделни суми била обелоденета на Интернет-страницата на Фондацијата.

Политичките критичари ја доведуваат во прашање транспарентноста на Фондацијата Клинтон, наведувајќи ја можноста од судир на интереси додека Клинтон беше на чело на американската диплоамтија од 2009-та до 2013-та. Пали вели дека Фондацијата, чиишто иницијативи против сиромаштијата и за здравствена заштита се протегаат низ светот, е посветена на транспарентнота во објавувањето на донациите.

Но, таа рече дека имињата на донатори од канадски партнер на Фондацијата ќе останат во тајност затоа што според канадскиот закон, добротворните организации не смеат да ги откриваат имињата на донаторите без нивна согласност.

Пали рече дека Фондацијата од сега – натаму ќе прифаќа донации „само од неколку влади“.

„Кога Хилари Клинтон беше назначена за државна секретарка, презедовме несекојдневни чекори за да избегнеме потенцијални судири на интерес со тоа што појдовме и подалеку од она што се бара од една филнатропска организација и воспоставивме доброволно годишно објавување на сите донатори на нашата Интернет-страница“, изјави Пали.

На листата има донации меѓу 10 и 25 милиони долари од Саудиска Арабија, Норвешка, Австралија и Доминиканската Република. Кувајт, Ирска и Холандија дале од 5 до 10 милиони долари, а Катар и Обединетите Арапски Емирати меѓу 1 и 5 милиони, според податоците на Фондацијата.

XS
SM
MD
LG