Линкови за пристапност

Буџетската криза решена, или само одложена?


Вашингтон и натаму длабоко поделен по партиски линии

Американската влада продолжи со работа по 16-дневен прекин, но законодавците сега ги очекува тешка задача да ги надминат разликите околу приоритетите во владините трошоци и оданочувањето.

Американскиот претседател, демократот Барак Обама, и неговите републикански противници во Конгресот, во поголемиот дел од овие речиси пет години откако тој е во Белата куќа, не успеаја да постигнат согласност за севкупниот владин буџет, често донесувајќи мерки во последен момент, откако веќе се создала кризна ситуација.

Клучните демократски и републикански законодавци вчера започнаа дискусија за надминување на големиот јаз околу буџетите за 2014-та одобрени во обата конгресни дома, Сенатот под контрола на демократите, и Претставничкиот дом, каде мнозинство се републиканците. Либералните демократи во основа поддржуваат поголеми владини трошоци за социјалните програми и поголеми даноци за богатите, додека конзервативните републиканци генерално бараат даночни кратења и поограничена улога на владата.

Договорот постигнат ноќта меѓу средата и четвртокот, со кој владата повторно ги отвори вратите, а беше зголемена и крајната граница на задолжување на нацијата, налага и буџетските преговарачи да постигнат спогодба за владините средства во 2014-та до средината на декември, пред истекот на рокот во јануари, кога владата ќе ги потроши парите што и` беа дадени привремено да продолжи со работа.

Обама во говор од Белата куќа ги изложи своите приоритети, велејќи дека сега е клучно да се изготви буџет „во кој ќе бидат скратени нештата што не ни се потребни, во кој ќе се затворат даночните дупки од корист на корпорациите, што не помагаат да се отворат нови работни места, и во кој ќе се создаде место за нештата што ни помагаат да се развиваме, како образованието, инфраструктурата и истражувањата“.

Обама понуди да ги скрати трошоците за пензии и здравствена заштита за постарите Американци, во замена за поголеми даноци за богатите Американци. Но, републиканците се против нов даночен скок, откако минатата година веќе се согласија да го зголемат данокот за семејствата кои годишно заработуваат над 400.000 долари.

Доколку буџетските преговори не дадат резултат, се заканува ново затворање на владата во јануари. Еден од главните актери во тукушто завршената буџетска битка, републиканскиот сенатор Тед Круз од сојузната држава Тексас, не ја исклучува можноста од ново владино затворање додека продолжува да се спротиставува на примената и финансирањето на законот за реформа на здравствената заштита, донесен по иницијатива на претседателот, или, како што вообичаено почна да се нарекува - Обамакеар.

Па сепак, водачот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, смета дека владиното затворање била поразителна стратегија во борбата против Обамакеар и дека е бесцелно повторно владата да се најде под клуч.
XS
SM
MD
LG