Линкови за пристапност

Ново заострување на релација МПЦ – ПОА


Г.Г. Стефан, Поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија
Г.Г. Стефан, Поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

По празничното интервју на архиепископот г.г. Стефан, во кое го обвини осуденииот ексвладика на МПЦ Вранишковски, ПОА испрати контраобвинувања.

Во празничното интервју за „Вечер“ наспроти Бадник, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, запрашан да го оцени случајот на Зоран Вранишковски, ексвладиката на МПЦ - г. Јован, кого МПЦ го смета за расколник, а кој во меѓувреме ја основаше Православната охридска архиепоскопија (ПОА) што ја признаа помесните православните цркви, и кој сега е на најново, последователно отслужување на изречена затворска казна, одговори дека неговиот став е ист како и на почетокот на случајот.

Се работи за проект инсталиран, поточно би рекол, злоупотребен однадвор, со цел разнебитување на МПЦ, проект кој во основа е длабоко криминализиран. А оваа вистина, што комисиите на АУО и САС на МПЦ неколкупати ја докажаа пред самиот Вранишковски да замине во раскол, вешто се крие од изумителите и поддржувачите на овој срамен чин кој ја продлабочи раната на црковното тело. Кога сите ќе ги прифатат аргументите со кои се докажува криминалот и неморалот на Вранишковски и некои негови поддржувачи, ќе падне и митот за мачеништвото, но ќе падне и маската за искреноста и одржаноста на овој проект“, рече г.г. Стефан.

На неговите тврдења овојпат не коментираше Српската православна црква, чии високодостојници редовно реагираат и бараат ослбодување на г. Јован од затвор, тврдејќи дека се работи за политички прогон и режирани судски процеси против него. Но, со реакција се јави канцеларијата на скопската Митрополија на ПОА, преку соопштение во кое остро го обвинуваат токму поглаварот на МПЦ-ОА - за „криминал и неморал“.

„Непристојно е г. Стефан да говори за „криминалот и неморалот“ на Архиепископот охридски г.г. Јован и некои негови подржувачи, бидејќи за криминалот што го прави г. Стефан, а за кој сепак, останува недопирлив за органите на прогонот - од причини што е вртикапа и се подлизува на секоја гарнитура на власта - знаат веќе сите во Република Македонија. Нема човек кој не знае за „Изгрев“, Говрлево, Аеродром“, наведува ПОА во соопштението до медиумите.

„За неговиот, пак, неморал што го прави уште од времето на неговиот краток монашки стаж, па сè до денес, зборуваат не само луѓето во црквата, туку и самите свештеници кои се под негова јурисдикција. Не е непозната психологијата на арамиите, кои тргнувајќи од себеси, сите други ги сметаат за арамии, а, исто така, и прељубодејците и блудниците сметаат дека сите се како нив. Така, лагите што г. Стефан ги изнесува за Архиепископот охридски г.г. Јован и неговите приврзаници, всушност, го омаловажуваат него самиот, иако се наменети кон омаловажување на други“, се вели во соопштението.

ПОА го обвинува поглаварот на МПЦ-ОА за речникот што ги употребува во интервјуто, но и за недоволна теолошка едуцираност.

„Ако г. Стефан сметал дека мачеништвото на г.г. Јован не е реално, дека на г.г. Јован не му ја запалиле куќата, не ги повредувале неговите монаси и монахињи, не ги навредувале и злословеле преку средствата за информирање, дека судски не го гонеле во шест судски процеси, поттикнати токму од г. Стефан, дека не бил дури седумпати во затвор и тоа само заради тоа што стапил во литургиско и канонско единство со православните цркви во светот, тоа можел да го каже на друг начин, а не преку поврзување со митот!“.

Иако последните месеци имаше оптимистички најави дека дури и со политичко влијание на властите на Македонија и на Србија може да дојде до придвижување во решавањето на проблемот со непризнавањето на автокефалниот статс на МПЦ-ОА од СПЦ (зашто, не беа ретки познавачите на состојбите во двете цркви кои јавно настапуваа со ставови дека се работи за политички,а не за канонски проблем), последнииот развој на настаните најавува ново заладување и на релација МПЦ-ОА - СПЦ.

СПЦ ја поддржува ПОА и ја смета за единствена призната црква во Република Македонија, изразувајќи подготвеност за признавање единствено на широка автономија за МПЦ-ОА, за чии владици пак, тоа е непристоен предлог.


Претседателката на Комисијата за односи меѓу верските заедници во Македонија, Валентина Божиновска, за „Нова Македонија“ изјави дека државата може да покрене одделни процеси, во случај кога нема резултати од „дипломатијата на црковната власт“: „Спорот меѓу МПЦ и СПЦ, покрај тоа што е црковно, е и големо политичко прашање, за кое ќе треба помош од политичарите“.

А во поглед на најавуваната можност за задружување на непризнатите цркви во регионот, или за евентуално скршнување на МПЦ-ОА кон Ватикан, во интервјуто за „Вечер“, поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан, беше дециден: „Синодот на МПЦ се има изјаснето околу ова прашање - ниту едното, ниту другото е решение и не може да биде. Сметаме дека проблемите околу прашањето за нашата автокефалност се чисто политички, а не се теолошки. За жал, многумина манипулираат токму со злоупотребата на богословските постулати, за да покажат дека навидум се во право. А реалноста е дека тоа го прават по силата на историскиот комодитет и самодадениот примат - припаѓаат на Цркви кои се основале пред неколку векови, па затоа "имаат" право за другите да решаваат дали можат да постојат како самостојна Црква. МПЦ нема никогаш да отстапи од вистинската православна вера и светото Предание, зашто со таа истрајност на изворниот евангелски пат, докажуваме дека сме неправедно надвор од сеправославниот свет“.
XS
SM
MD
LG