Линкови за пристапност

СДСМ дефинитивно ги бојкотира локалните избори


Мандатите ќе бидат вратени бидејќи нема договор за предвремени парламентарни избори, најави потпретседателот на социјалдемократите.

„СДСМ и „Сојузот за иднината“ нема да учествуваат на локалните избори и ќе ги вратиме пратеничките мандати бидејќи нема договор за предвремени парламентарни избори“, изјави потпретседателот на социјалдемократите Гордан Георгиев на денешниот протест - еден од секојдневните протести на опозицијата последните седмици, по „црниот понеделник“ на 24-ти декември минатата година кога полициски сили ги исфрлија опозиционите пратеници и новинарите од македонскиот парлемент.

СДСМ и „Сојузот за иднината“ нема да учествуваат на локалните избори и ќе ги вратиме пратеничките мандати бидејќи нема договор за предвремени парламентарни избори.
Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ

„Мандатите ќе ги вратиме тогаш кога ќе истечат сите рокови и можности за постигнување политички договор за избегнување на понатамошното продлабочување на кризата и за тоа ќе ја известиме јавноста. Оставките се потпишани, депонирани се во партијата и ќе се приложат кога ние ќе одлучиме“, изјави Георгиев.

Социјалдемократите не сака да дадат поподробна информација за вчерашните разговори на лидерот Бранко Црвенковски со Стефано Санино, првиот човек на Генералниот директорат за проширување на Европската унија, кој ненадејно и ненајавено дојде во Скопје.

Сега тие бараат договор за предвремени избори. Сакам јавно да кажам, решително, децидно - нема договор за предвремени парламентарни избори. Секој со својата одговорност!
Никола Груевски, премиер на Република Македонија

Иако портпаролот Емилијан Станковиќ потврди дека имало средба, тој за дополнителни информации ги упати медиумите во седиштето на ЕУ.

Откако премиерот Никола Груевски предложи да се формира комисија која ќе го разгледа Деловникот (усвоен без присуство на етнички македонскиот дел од опозицијата и со жестоки протести на етнички албанските опозициони партии), а која ќе донесе заклучок за неговата компатибилност со Законот за Собрание, како и за менаџирањето со безбедносните служби во и околу парламентот и за присуството на медиумите во законодавниот дом, Георгиев рече дека „тој пакет мерки не значи ништо, ако нема договор за предвремени парламентарни избори“.

Во ВМРО-ДПМНЕ не ја коментираа одлуката на СДСМ да ги бојкотира локалните избори и упатуваат на вчерашната изјава на премиерот Груевски, кој децидно изјави дека нема договор за предвремени парламентарни избори и ја повика опозицијата да излезе на локални избори, за низ политички дијалог да се решат проблемите во Собранието.

„Сега тие бараат договор за предвремени избори. Сакам јавно да кажам, решително, децидно - нема договор за предвремени парламентарни избори. Секој со својата одговорност!“, порача вчера Груевски, потенцирајќи дека прифаќа меѓународен мониторинг како гаранција за фер и демократски изборен процес.
„И покрај нашите забелешки, кои јавно ги искажавме, ја поддржавме идејата на претседателот Иванов за формирање ад хок-комисија што ќе даде препораки, меѓу другото, и за процедурите и за Деловникот во Собранието, и за нивната конзистентност со Законот за Собрание. Потоа, за менаџирањето со безбедносните служби во парламентот, за безбедноста и околу парламентот, стандарди за присуство на медиумите.... Ние немаме од што да се плашиме и што да криеме. Ние знаеме дека сме во право и затоа оваа идеја ја прифаќам со добра волја“, изјави вчера Груевски за предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, по потпишувањето на Декларацијата за заедништво, партнерство и локален развој со лидерите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“.

Според Груевски, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, свесен за состојбата во која Македонија е доведена со како што изјави, „неодговорното однесување на опозицијата, а посебно на нејзиниот лидер кој ја става во залог државата за да ја спаси сопствената политичка кариера и прави огромни штети“, донел одлука во која верува - дека случувањата во Собранието треба да се решат и дека треба да се најде начин, низ дијалог да се создадат услови за да не се дозволи повторување на 24-ти декември.

Потпретседателот на социјалдемократите Георгиев, коментирајќи ја изјавата на премиерот кој вчера за лидерот на опозицијата рече дека ќе биде „попознат Грк од Гркот Зорба“, рече дека се работи за настап на „поделена личност“.

„Не знам како може да се коментира изјавата на премиерот Никола Груевски кој на јавен собир го нарече лидерот на СДСМ поголем Грк и од Зорба, но знам дека во научната мисла тоа се вика синдром на поделена личност и таа изјава е парадоксална“, рече Георгиев.

Според него, опозицијата, која до вчера била „предавничка“, сега, „кога Груевски сака да го реши спорот со името“, го саботира премиерот!

„Едноставно, премиерот треба да реши што е неговиот став... Очигледно, имаат намера да ја втурнат Македонија во комплетно тоталитарно сценарио. Колку и да се обидуваат да спинуваат дека наводно СДСМ ќе е виновна за негативниот извештај од ЕУ, тоа нема да успее. Колку и да сака да се обидува да спинува медиумската машинерија на власта и на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е невозможно, бидејќи после настаните на 24-ти декември, Македонија е втурната во еклатантна недемократија и сите последици за тоа ќе ги има власта и владејачкото мнозинство“, кажа потпретседателот на социјалдемократите.
XS
SM
MD
LG