Линкови за пристапност

Љубица Ачевска во хуманитарна мисија во Хаити


Љубица Ачевска во хуманитарна мисија во Хаити
Љубица Ачевска во хуманитарна мисија во Хаити

“Pencils for Kids International” е непрофитна организација што обезбедува училиштен материјал за деца ширум светот преку директен контакт со училиштата, а нуди помош за домови за сираци и болници.

“Pencils for Kids International” е непрофитна организација што поранешната и прва амбасадорка на Република Македонија во САД Љубица Ачевска, ја основала пред шест години. Организацијата обезбедува училиштен материјал за деца ширум светот преку директен контакт со училиштата, а нуди помош за домови за сираци и болници.

Ачевска во Хаити престојувала месецов заедно со сопругот д-р Џо Новело, кој волонтирал и донирал медицински материјал.

„Обезбедивме училишен материјал за деца во пет училишта во Порт о` Принс и околината, а дониравме и медицински материјал во болници и еден дом за сираци. Кога на децата ќе им подарите нешто, нивната радост е непроценлива“, вели Ачевска.

Тешко е со свои очи да се видат последиците од катастрофата, но истовременено задоволството за приликата да се помогне, е големо, раскажува таа:

„Земјата е оштетена, а децата ја гледаат и чувствуваат таа штета. Во земјотресот загинаа преку 250.000 лица, но по расчистувањето на урнатините, сигурна сум дека оваа бројка допрва ќе расте.“

Ачевска вели дека сепак, животот продолжува и битно е што населението се фокусира на напредокот. Дел од децата веќе се вратиле на училиште.

Вкупната помош на организацијата на Ачевска за Хаити изнесува околу 15.000 долари. Поранешната амбасадорка најавува дека следната мисија ќе биде во САД, за обезбедување на училишен материјал во јужниот дел на сојузната држава Вирџинија.

„Образованието е клучот за се`. Обрнуваме внимание на помалите деца до 10-годишна возраст. Се обидуваме да им ја дадеме основата, се` со цел да се фокусираат на учењето“, вели Ачевска.

Еден од првите проекти на “Pencils for Kids International” била донација во училишта во Македонија, по што следеле мисии и во Африка, во Кенија и Конго.

XS
SM
MD
LG