Линкови за пристапност

Македонија и измамнички визи за работа во странство


Macedonia "Warrior on a Horse" Monument
Macedonia "Warrior on a Horse" Monument

За однапред уплатен надоместок, се ветува школување, вработување па и иселување во земјите од ЕУ, Австралија, САД и Канада.

...На Норвешка и` се потребни инженери, наставници, и тоа пред се` од природни науки, лекари и медицински сестри, возачи на автобуси, готвачи и конобари

за просечна плата од 4.500 евра... Германија и Австрија бараат квалификувани работници од Балканот...

Ваквите огласи што секојдневно ги има во медиумите, но особено на интернет- страниците, се вистински магнет за оние кои сакаат да си ја побараат среќата надвор од Македонија. Освен малкуте исклучоци, огласите нудат оскудни информации за условите, најчесто само телефонски број за контакт. Токму тоа треба да биде првиот сигнал за граѓаните дека можеби се работи за посредници- измамници, предупредува Народниот правобранител на Македонија.

Алармот во Правобранителството го вклучил последниот случај поврзан со издавање „брза виза“ за Квебек, Канада, за што македонските власти биле предупредени од Омбудсманот на Канада.

„Побараа од мене превентивно да делувам бидејќи постојат лица кои ги мамат граѓаните“, вели народниот правобранител, Иџет Мемети, појаснувајќи дека за Канада не важи посредништво и оти граѓаните не треба да се изложувата на дополнителен трошок“.

„Сите потребни информации за начинот на аплицирање и добивање на иселеничка виза може да се проверат на веб-страницата на Министерството за миграција на која секогаш во горниот лев агол се наоѓа логото, и е назначено „официјална страна на Владата на Квебек“. На оваа веб - страница има и примероци од бесплатни формулари за аплицирање, согласно областите на кандидатите, а сите информации кандидатите може сами да ги пополнат“, потенцира Мемети.

Но не е само Канада „ветена земја“ за македонските граѓани поради која тие паѓаат во мрежата на лажните посредници. За однапред уплатен надоместок, околу 150 евра, се ветува школување, вработување па и иселување во земјите од ЕУ, но и Австралија и САД, по брза постапка.
Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека ваквите измами се ретки, и апелираат да бидат пријавени дури и оние случаи каде постои најмал сомнеж за лажно посредништво. Меѓу последните случаи на измамени граѓани во Македонија е оној од пред околу четири месеци, кога момче и девојка наместо на печалба во Абу Даби, останале во Македонија и без 650 евра, кои ги уплатиле на агенција-посредник, специјализирана за вработување во странство.

Во Македонија нема официјални информации за тоа колку македонски граѓани се иселиле од земјава. Светската банка пред неполни две години објави извештај според кој, заклучно со 2010 година, од Македонија се иселиле 447.000 граѓани, или над 20 отсто од населението. Според анкетите на Државниот завод за статистика, најчести причини за заминување од татковината се семејни причини, вработување, склучување брак и школување. Оваа бројка најдобро може да ја утврди пописот на населението, кој последен пат во Македонија е спроведен во 2002-та.
XS
SM
MD
LG