Линкови за пристапност

Македонија испраќа помош за Србија и Босна и Херцеговина


Македонската влада во првата интервентна фаза испраќа лица кои се специјалисти за вакви намени, пумпи за испумпување на вода, агрегати, чамци, ќебиња и лекови

Македонија испраќа помош за најзагрозените подрачја во соседна Србија и во Босна и Херцеговина за справување со катаклизмичнте поплави кои предизвикаа и човечки жртви.

„Македонската Влада во првата интервентна фаза одлучи да бидат испратени 75 лица кои се специјалисти за вакви намени, 45 пумпи за испумпување на вода, 35 агрегати, девет чамци, 3.000 ќебиња и поширока палета на лекови“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Одлуката следи по добивањето информација од страна на Европската цивилна заштита дека овие две земји побарале да ги известат сите земји-членки дека им е потребна помош.

„Очекуваме да добиеме потврда дека тоа се потреби коишто можат да бидат процесуирани и веднаш потоа може да биде испратена помошта и во ресурси и луѓето да заминат во Србија и Босна и Херцеговина и да може да помогнат на тамошните сили и на граѓаните да се справат со природните непогоди кои ги загрозија овие држави“, вели Ѓорѓиев.

„Македонија засега будно ја следи состојбата посебно она што се случува на југот на соседна Србија што може да има влијание и врз водостојот на реките во северниот дел на земјава. Но засега водостојот на најголем дел на реките и акумулациите во Македонија е под просечното ниво, освен на реката Пчиња чие ниво е за еден и пол пати поголемо од просечното ниво во овој период од годината“, вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

„Состојбата на реката Пчиња се следи на секои два часа добиваме информација од УХМР и доколку треба ќе се превземат дополнителни мерки. Во оваа фаза одиме со превентивни мерки на чистење на тесни грла, гранки околу мостовите“, истакна Јанакиески.

Дел од превентивните мерки е забрана за испуштање на дополнителни води од акумулациите во наредните два дена, бидејќи денес и утре се очекуваат врнежи пред се во северо западниот дел од земјата. Најстрога е забраната за Калиманското езеро и за хидро системот Злетовица.

Министерот Јанакиески упати апел до општините Куманово, Старо Нагоричане и Петровец да бидат подготвени за евентуални излевања, поради опасноста од надоаѓање на водите од Србија што би го зголемиле нивото на Пчиња.

И од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потврдуваат дека реките и подземните води се на просечно или малку над просечното ниво за овој период од годината и нема опасност од излевања иако метеоролозите најавуваат дожд и во следните два дена.

„Засега водотеците се во рамките на просекот или малку над просекот за оваа година, но под максималните квоти. Не се ближиме кон опасните точки, а бидејќи од недела се очекува стабилизирање, не очекуваме да има излевање на реките“, вели Надица Вчкова, портпарол на ЦУК.

Експертите пак, предупредуваат дека и покрај ваквите најави од Управата за хидрометеорологија, мора да с евнимава на неколку толки во земјава, кои изминатите години се покажале како критични. За нив клучна превентивна мерка е перманентно одржување на речните корита и на каналите во текот на целата година, за, при евентулано излевање да може само да се спасуваат луѓето.
XS
SM
MD
LG