Линкови за пристапност

Македонија: Штрајк во Дрекслмаер


Вработените велат дека само бараат да им се исполни ветеното; Менаџментот не даде изјава.

Ноќва во фабриката Дрекслмаер започна штрајк на околу илјада вработени ангажирани во третата смена на фабриката. Целта на штрајкот е, како што соопштија дел од вработените, да се изрази незадоволството поради неостварните ветувања на менаџменотот кои се однесувале на бонусот за работата извршена за време на велигденските празници.

„Не штрајкуваа само малкумина, кои за Велигден не работеа. Ние останатите си ги бараме двете илјади денари бонус, кои ни ги вети менаџментот. Ни велат дека ни биле пресметани со последната плата, но тогаш зошто пресметки не добивме“, прашува вработен во третата смена во Дрекслмаер.

Штрајкувачите се пожалија преку медиумите дека биле присилувани да работата поради што дополнително се зголемил револтот.

"Обезбедувањето со сила не тераше ноќеска да влеземе во халите и да почнеме да работиме. Ни се дереа на цел глас и не заплашуваа, но нема да попуштиме", рече вработен во Дрекслмаер.

Менаџментот на Дрекслмаер денеска немаше коментар за оваа ситуација, а не одговрија ниту на барањата на медиумите да дадат свој коментар за поплаките на штрајкувачите.

Последната информација од раководството на кавадаречки Дрекслмаер е дека во јавноста ќе излезат откако германските газди ќе им дадат дозвола да го кажат својот став.

Вработените во оваа прилика исто така се пожалија на малите плати во Дрекслмаер, кои се движат помеѓу 8 и 13 илјади денари за работа во викенд, во ноќни смени и на празници.

„Работиме и саботи и недели, некогаш и дополнително остануваме на работа, а ни плаќаат како да сме изработиле само 160 часа месечно“, рече една работничка.

Ова не е прв штрајк на вработените во Дрекслмаер. Минатиот месец стотина работници од Велес одбија да заминат на работа поради тоа што наместо два, раководството им пуштило само еден автобус во кој требало да се качат сите работници.

Левичарското невладино здружение Солидарност во повеќе наврати реагираше во јавноста поради, како што велат, експлоатацијата на работната сила од страна на странските инвеститори. Според нивните податоци менаџментите на новите странски инвестиции во државата на вработените им исплаќаат прениски плати кои не се доволни за да се обезбеди достојна егзистенција. Во врска со овие јавно изнесени ставови на невладината Солидарност владата немаше коментари.

Од своја страна ставот на владата е дека треба да се првлечат што повеќе странски инвестиции со цел да се намали невработеноста и да се обезбеди развјот на државата.

Во моментов таму се вработени 3.531 лице. Се работи во три смени, а превозот е обезбеден. Ангажирана е работна сила од Кавадарци, но и од околните места: Велес, Неготино, Градско, Росоман, Демир Капија.

Инвестицијата на Дрекселмајер изнесува 35 милиони евра. Компанијата во Кавадарци произведува кабелски инсталации за автомобилската индустрија.
XS
SM
MD
LG