Линкови за пристапност

Во Македонија нервозата расте, загубите се зголемуваат


Продолжува блокадата на македонско-косовската граница, а властите на двете држави нe наоѓаат заеднички јазик за надминувањена разликите

На повеќечасовната седница, македонската Влада минатата ноќ донела одлука да се вложат напори за наоѓање решение за трговскиот спор со Косово, односно, претставници на Владата да ги продолжат преговорите со косовската страна за нормализирање на состојбата, во духот на економската соработка на двете соседни држави. Официјално, не е соопштена одлука за нова мерка на македонска страна, по косовското ембарго за увоз на сите македонски производи до кое дојде по воведувањето на таксите за косовските граѓани од македонската Влада, и особено, по блокадите на граничните премини Блаце и Јажинце од македонските транспортери, кои се закануваат уште повеќе да ги кренат тензиите.

Ни премиерот Никола Груевски вчера не сакаше да го коментира спорот со Косово и блокадата на граничниот премин Блаце, но, неофицијално, по преговорите на претставниците на двете влади во Приштина, косовската страна побарала најпрвин Македонија да ги повлече мерките, од првата, за условен увоз на брашно, до последната, за таксите, за потоа и косовската да го направи истиот чекор, со што би се одблокирале граничните премини.

Македонските медиуми цитираат косовски, според кои, премиерот на Косово Хашим Тачи побарал итно решавање на спорот и ја задолжил вицепремиерката и министер за трговија Мимоза Кусари, за изнаоѓање решение за надминување на недоразбирањата уште во текот на денот или најдоцна утре.

Според Тачи, блокадата на границата не е во интерес на ниту енда од државите и е во спротивност со прокламираното добрососедство и европерспективите.
И амбасадорот на ЕУ во Скопје, Аиво Орав на денешната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети ја изразил својата и загриженоста на ЕУ за „трговската војна“ меѓу Македонија и Косово. Коалициониот партнер во власта – ДУИ, во партиско соопштение наведува дека на средбата во Тетово, Ахмети го известил Орав дека утре во Македонија ќе допатува косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи на разговори за надминување на проблемот. Според соопштението, Ахмети и Кучи во досегашните меѓусебни разговори се согласиле дека е неопходно што е можно побргу да се нормализира движењето на луѓето и стоката меѓу двете држави. И портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, вчера го изнесе партискиот став за охрабрување на владите на Македонија и на Косово за изнаоѓање решение во интерес на граѓаните на двете земји. Според партијата, за ДУИ е од исклучителна важност Македонија и Косово да продолжат со добрата соработка, поради тесните релации на дел од граѓаните од двете земји.

Од другата страна на границата, косовската Влада ги повика своите граѓани да ги избегнат патувањата во Македонија поради неповолната ситуација на граничните премини каде поради блокадите, на патниците им е дозволено да се движат само пеш, а за болните е обезбедена асистенција на Брзата помош. Косовската претседателка Атифете Јахјага пак, ги повика двете влади да најдат заедничко решение за нормализирање на слободниот проток на стоки и луѓе, а недоразбирањата да ги решат институционално, според правилата на ЦЕФТА.

Денес и Стопанската комора на северозападна Македонија побара од Здружението на транспортери „Макамтранс“ итно да ја деблокира македонско-косовската граница, изнесувајќи став дека „ниедна блокада на границата не може да се деблокира со нови блокади, затоа секоја иницијатива од овој вид само придонесува кон влошување на ситуацијата, која и така е економско и социјално лоша во земјата“. Претставниците на Комората во која главно членуваат бизнисмени-етнички Албанци, сметаат дека „иницијативите од ваков вид уште повеќе ја зголемуваат иритацијата кај локалното население, која може да се случи многу брзо да ескалира, додека последиците може да бидат различни.“

Излегоа и првите проценки за загубите и последиците од блокадите.

Со споредба на податоците според кои, во првите осум месеци од годинава, размената меѓу Македонија и Косово изнесувала 145 милиони долари, од кои 132 милиони извоз, се доаѓа до бројка од околу половина милион долари дневна загуба за Македонија. Загуби трпат и македонските превозници кои го блокираа Блаце, зашто од „Макамтранс“ велат дека секој од нивните членови дневно губи во просек по 200 евра.

А дека трговскиот спор добива и политичко-медиумски тонови најдобро илустрира шпекулацијата која ја пренесоа најголемиот дел македонски медиуми - дека ноќеска била нападната македонската амбасада во Приштина. Веста подоцна ја демантираа и косовската полиција и македонското МНР, но шпекулацијата која наводо ја лиферувал приштински Бота сот, а во која се вели дека бил фрлен „молотов коктел“, ги вознемири граѓаните. Приштинските медиуми чии вести беа пренесувани и од македонските медиуми, потенцираа дури и дека амбасадата е под полициска заштита, дека нападот го осудиле двете министерства за надворешни работи, како и косовската претседателка Јахјага.
XS
SM
MD
LG