Линкови за пристапност

Прва жртва од поплавите


Речиси половина Македонија, целиот нејзин источен дел, е сериозно загрозена од поплавите по поројните дождови последните денови

Обидувајќи се да ја помине реката Длабочица, Радован С. (51), од селото Цветишница, се удавил во понеделникот вечерта, откако надошло поголемо количество вода. Неговото тело е пронајдено денес на околу два километра од местото на несреќниот случај.

По вчерашните посети на регионите зафатени со поплави, на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски, денес се одржа состанок на Координативното тело на Владата, на кој според Центарот за управување со кризи, била разгледувана состојбата со поплавите, особено во струмичкиот, штипскиот и охридскиот регион, како и опасноста од попуштање на браната на Слатинско езеро. На загрозените места е активирана градежната механизација и обезбедени се вреќи со песок, машинерија за тампонирање и останатите материјали неопходни за справување со поплавите. Министерството за внатрешни работи извршило и евакуација на помалите населени места околу загрозените брани Пишица и Слатино.

И Владата ќе помага во справување со последиците од поплавите. Според портпаролот, Александар Ѓорѓиев, Владата ги презема сите мерки за превентирање на евентуални нови поплави: „Министрите се испратени во загрозените подрачја за изворно од терен да ја увидат состојбата, како и да разговараат со населението за сите прашања кои ги имаат. Воедно, формирано е и координативно тело кое на дневна основа се состанува, за справување со поплавите и спречување на нови поплави“.

Медиумите јавуваат за големите проблеми на жителите во поплавените региони. Четири села во струмичко, Просениково, Дабиле, Муртино и Сачево се целосно поплавени, од надојдените води од Радовишко, и под вода се ниви, плантажи, оранжерии и стопански објекти. Дел од жителите се евакуирани и времено се сместени во хотелите во струмичкиот регион. Во соопштението на Општина Струмица меѓу другото, се вели: „Овие села буквално личат на езера. Се` е под вода. Нема куќа што е не е поплавена, а во некои од нив водата е навлезена и до првиот кат. Жителите се во паника. Некои од нив беа затечени од надојдените води и едвај успеаја да излезат од своите домови за да се спасат од поплавата“.

Освен во струмичко, и во радовишко, штипско, кочанско, светиниколско и кумановско - има поплави, урнати мостови и отсечени села, со големи штети на посевите. Во Општината Чешиново-Облешево се излила реката Злетовица, а кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски побара помош од надлежните институции и од Владата, за справување со штетите предизивикани од поплавите кои ја зафатија неговата општина, во населените места Долно Коњаре, Речица, Средорек, Клечовце... Во новинарсклите извештаи се информира дека и фудбалските стадиони во Штип и Струмица наликуваат на базени.

Откако, министерот Јанакиевски, кој денес беше во општина Пробиштип, изјави на лице место дека состојбата со Пишичка брана е сериозна, и дека се евакуирани стотина жители на селото Пишица и нивниот добиток, медиумите јавија дека браната не издржала. И покрај тоа што биле отворени сите испусни вентили дошло до нагло зголемување на нивото на водата во браната. Низ десетметарскиот процеп на Пишичката брана се излеала водата од акумулацијата која потопила над 100 хектари обработливо земјиште.. Стручни екипи ќе утврдуват колку ќе чини целосна реконструкција или изградба на Пишичката брана.

За решавање на проблемот пак, со оштетената брана на Слатинско езеро, стручни екипи вршат подготовки за отстранување на бетонскиот преливник, со што според проценки, би се намалило нивото на вода во акумулацијата за околу два метра, со што би се се намалил притисокот на водата врз земјената брана чии оштетувања се зголемуваат. Но, таму ситуацијата се` уште е сериозна, оти дотокот на вода од Мраморечка река е голем.
XS
SM
MD
LG