Линкови за пристапност

Македонија во фаза на зголемен ризик од застој на евроинтеграциите


Политичката криза се продлабочува по неуспехот да се најде решение за излез, како и по одлуката на опозициските партии да ги бојкотираат локалните избори.

Имајќи ги предвид пораките кои дојдоа од Брисел сега Македонија влегува во фаза кога ризикот од добивање на негативен извештај на ЕК во април, па дури и губење на препораката за почеток на преговри во октомври станува реален.
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски во неколку интервјуа упати апел дека е подготвен да се врати во Собранието, под одредени услови:

„Ако Груевски обезбеди решение на проблемот со името и старт на преговори за членство во ЕУ, СДСМ е подготвен да се откаже од барањето за предвремени избори“, изјави Бранко Црвенковски.

Истата вечер Груевски возврати.

„Треба да биде јасно дека ако добиеме негативен извештај од ЕУ, тоа ќе биде лична заслуга на Бранко Црвенковски. Тој купуваше само време и се` уште ги лаже најблиските негови луѓе, внатре во партијата, дека изборите ќе бидат одложени. Лажеше до вчера, ги лаже и денеска сите, па дури и претставниците на меѓународната заедница“, рече Груевски на промоцијата на еден од кандидатите за градоначалик од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Тешко е да се претпостави дека меѓународните фактори повторно ќе се вмешаат во оваа нова фаза од кризата по нивниот неуспех да се надимине проблемот минатата недела пред истекот на рокот за кандидирање на кандидати за градоначалници и советнички листи, сметаат познавачите на приликите.

Поранешниот амбасадор Арсим Зеколи вели дека во ЕУ нема реална сила која би се посветила на состојбите во Макеоднија за да се надмине кризата, па со оглед на тоа не верува дека во таа смисла би можел да се направи позначаен напредок. Дека е тешко да се очекува поинтензивна активност на дипломатите во оваа криза велат и меѓународните посматрачи.

„Мислам дека Европската Комисија и европските актери имаат ограничена моќ во решавањето на домашен политички проблем. Погледнете ја Албанија. Албанија неколку години ги имаше сличните проблеми како тие на Македонија од минатиот месец. Доста поларизиран политички систем каде што опозицијата и Владата често се во конфсктронтирачки однос ... сите тие не можеа да решат домашен политички проблем“, вели Флоријан Бибер од Институтот за југоисточна Европа при Универзитетот во Грац.

Прашан како ја толкува изјавата на комесарот Филе во која тој јавно изразува фрустрираност од состојбите во Македонија, Бибер вели дека таа „може да се толкува како најава за негативен извештај во април“.

„Секако тоа е најочигледната последица во април од Комисијата, и потоа од Советот во јуни“, вели Бибер кој не ја исклучи ни можноста Македонија доколку продолжи вака да ја изгуби и препораката за преговри во октомври.

„Мора да сфатите дека веројатно најголемиот сојузник во корист на проширување на Европската Унија во моментов е Комисијата. Многу членки на ЕУ се доста скептични и доста критични за понатамошно проширување, па Комисијата мора да работи два пати потешко да ги убеди земјите-членки дека вреди да се оди напред. Дали ќе ја повлече препораката или не, е тешко да се предвидува однадвор, но сигурно изгледа како реална можност доколку поларизацијата продолжи, и ако видеме влошување во контекст на локалните избори“, ни изјави Бибер
XS
SM
MD
LG