Линкови за пристапност

Министерот за образование ќе ги покани студентите на разговор кога Владата ќе изготви поконкретен предлог


ФИНКИ, Правниот факултет и Универзитетот ФОН веќе дадоа негативни оценки за предложениот модел за државен испит

По вчерашниот студентски марш, денеска се огласи министерот за образование Абулаќим Адеми - најави дека Студентскиот пленум, којшто ги организира протестите, ќе биде повикан на разговор во Владата откако ќе биде изработен конечниот предлог за државниот испит.

„Кога ќе излеземе со поконкретен предлог, ќе ги повикаме сите во дебата да се вклучат и во тој период да даваат нивни размислувања, се` со цел да најдеме заедничко решение, кое во иднина ќе биде имплементирано токму од засегнатите страни. Досега не сум одржал никаков состанок околу државниот испит, затоа што се` уште не сме го презентирале јавно предлогот за државниот испит. Кога ќе го презентираме сите ќе бидат вклучени во дебата, вклучувајќи ги тука и студентите“ изјави Адеми.

Во врска со реакциите во јавноста дека предлогот на владата задира во автономијата на универзитетите, Адеми изјави: „Тука е проблемот, што се` уште без да биде конечното решение презентирано, во јавноста повеќе се шпекулира. Меѓутоа, не треба да се реагира на шпекулации, треба да се рагира на конкретен предлог. Не е точно дека Министерството ќе ги избира оценувачите, тоа ке биде надлежност на одборот за акредитација, одборот ќе биде избран од владата, меѓутоа по предлог на универзитетите“.

На 5-ти декември, Министерството за образование до факултетите достави допис во којшто се образложува концептот на владиниот предлог и се очекува до 15-ти декември академските установи да се изјаснат за него.

Дел од институтите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) одржале интерни состаноци на коишто едногласно го отфрлиле предлогот за државен испит во високото образование.

Против се изјаснија и од Универзитетот ФОН.

„Проверката на знаењата на студентите преку предложениот концепт на државен испит е спротивна на одредбите од Законот за високо образование (автономија на универзитетите), противуставна (го попречува правото на образование, ја ограничува слободата на пазарот на трудот), не е во согласност со веќе акредитираните студиски програми, а по формата, содржината и начинот на кој е планирана да се спроведе е непедагошка и технички комплицирана и скапа (не заради компјутерската поддршка, туку во смисла на големиот број на прашања за секој предмет и студиска програма). Притоа, како таква, ќе иницира мноштво на процеси кои ќе бидат на директна штета на студентите, академскиот кадар и општество во целина“, стои во образложението на ФОН.

Од Деканската управа на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ соопштија дека идејата за воведување на систем на дополнителна проверка на знаењата стекнати на високообразовните институции во Македонија е за поздравување, но понудениот модел е несоодветен да се вклопи во пошироките концепти на организирање на високото образование и на општествено уредување Македонија и дека има сериозни недостатоци.

Нашите студенти по завршувањето на високото образование, за сите служби од правната сфера веќе полагаат бројни државни испити. Така, идните судии, обвинители и адвокати задолжително полагаат правосуден испит, идните службеници задолжително полагаат стручен испит, идните нотари задолжително полагаат нотарски испит, идните извршители задолжително полагаат државен испит за извршители“, наведено е во дописот.

Според Правниот факултет, со воведувањето на државниот испит во текот на студирањето се нарушува и Болоњскиот процес на кој се заснова Законот за високото образование.

„Правниот факултет ја поздравува идејата на Владата за донесување на комплетно нов Закон за високото образование со кој конечно ќе се реши статусот на јавните и приватните високообразовни установи во државата и искрено се надеваме дека со новите законски решенија нема да се дозволи како досега, одредени јавни високообразовни установи да се финансираат со 78,5% буџетски средства, а за останатите, средствата кои не им се исплаќаат од државниот буџет да ги надополнуваат од кофинансирањето на студентите“, пишува во дописот од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Деновиве се очекува во врска со предлогот на Владата да се изјаснат и другите академски институции.

XS
SM
MD
LG