Линкови за пристапност

Демонстрации пред владата на Македонија


Повеќе илјади студенти и граѓани протестираа заради најавените измени во Законот за високо образование

Одзивајќи се на повикот на неформалното студентско движење Студентски пленум, во Скопје, во петок, илјадници студенти и граѓани излегоа на масовен протест во израз на несогласување со најавените измени во Законот за високо образование.

„Нека ја види (владата) оваа слика и нека сфати дека ние не сме тука заради себе. Ние имаме браќа, сестри, родители, соседи, пријатели. Студентските протести не се само студентски, ова е почеток на нешто ново. Ова е почеток на надежта. Нашите граѓани веќе не се плашат“, порачаа оргазнизаторите во обраќањето на протестот.

Тие го проширија повикот и до постарите:

„Родители како вас, чии деца студираат на овие универзитети, а нивните деца студираат на престижни универзитети во Европа. Пензионери како вас, кога немате да одвоите ниту 500 денари во месецот за своите внуци...“.

За време на протестот студентите направија и мал перформанс читајќи го Крушевскиот манифест, прилагоден на актуелните состојби во општеството.

Студентите извикуваа „Уа кецароши“, а во рацете држеа транспаренти на кои пишуваше: „Ние студираме, вие профитирате“, „Стоп за лошите реформи“, „Вратете ни ги другарите од Америка“ и „Или индекс или пасош“.

На собирот беше видливо присуството и на многумина универзитетски професори кои излегоа да им дадат поддршка на студентите.

Претходно во петок попладнето беше основан и Професорски пленум на кој му пристапиле стотина професори кои излегоа со порака дека нивните студенти може да сметаат на нивната поддршка.

Инаку, по најавените измени во Законот за високо образование се изјасни и Ректорската управа на Универзитетот Свети Кирил и Методиј. На седницата било решено да се побара одложување на процедурата на целиот пакет измени на овој закон со кој се воведува, меѓу другото, и државен испит, на предлог на Владата.

Наспроти протестите и се` погласното негодување на акадамската заедница, Законот за измени во високото образование во петок доби зелено светло од надлежната комисија на Собранието на Македонија.

XS
SM
MD
LG