Линкови за пристапност

Уличен протест за оставка на министерот за здравство Тодоров


Додека траеше, оставки во врска со починувањето на 9-годишната Тамара Димовска поднесоа првите лица на Фондот за здравство

„Сите сме Тамара“, „Нема да ви простиме“,„Чекаат ли вашите деца за лекување“ “Оставка“, извикуваа денеска неколку стотини граѓани, меѓу коишто и пензионери и студенти, учесници на протестот под мотото „Црвен картон за министерот Тодоров“. Тие уште еднаш, со црвени картони во рацете, побараа оставки и кривична одговорност од надлежните во здравствените институции и од министерот за здравство Никола Тодоров поради смртта на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, којашто почина чекајќи одобрение од здравствените власти за операција во странство.

Протестната поворка, којашто тргна од пред Фондот за здравство и заврши пред Министерството за здравство ја предводеше мајката на Тамара.

„Мојата Тамара ве гледа од горе, и која еден ден ќе ви даде црвен картон. Вие бевте тие кои сето

тоа го изрежиравте и сега викате дека родителите се виновни. Три години од врата на врата молев и сега испадна јас не сум ја негувала Тамара како што треба. Вие мислевте дека лажеме, да ме примеше пред три години Тамара ќе беше жива. Да не излезеше со

твојата скандалозна изјава дека Министерството за здравство ќе ја испрати на лекување и ќе ги покрие трошоците, ќе и` помогнеа досега добри и хумани луѓе. Каде ја испративте? На вечно почивалиште“, му порача Жаклина Димовска на Тодоров, пред Министерството, додека во позадина на озвучувањето се слушаа срцеви отчукувања.

Кусо пред почетокот на протестот, во јавноста беше објавен извештајот од обдукцијата на девојчето. Во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат се наведува дека „во извештајот од обдукцијата утврдено е дека причината за смртта не е сколиоза, туку бронхопневмонија, односно акутно воспаление на респираторните органи, а утврдено е и присуство на емфизем во белите дробови“.

И додека демонстрантите бараа правда за Тамара и за сите дечиња со ваква несреќна судбина, директорката на Фондот за здравство Маја Парнарџиева Змејкова на прес-конференција соопшти дека поднесува оставка од морални причини.

„Изминатиов период се случи немил настан. Почина дете, почина, на денот кога требаше да добие датум за лекување во странство. Сторија со која цела македонска јавност е запознаена подолг временски период. За жал, овој трагичен и немил настан предизвика несигурност, недоверба и сомнеж во целиот систем на здравство и здравствено осигурување. Многумина повикуваа на преземање на одговорност и смена на системот. Најодговорно Ви тврдам дека одговорност чувствувам за секој осигуреник, чувствувам одговорност за секој еден од 1.800.000- те осигуреници. Човек сум што сум воспитан да помогам на другите, а не сум ладен бирократ. Денес објавувам дека од човечки причини решив да се повлечам од функцијата директор на ФЗОМ“, рече Парнарџиева Змејкова, додавајќи дека интерна комисија во Фондот „проверила и контатирала дека сите процедури во лекарските комисии и стручните служби во Фондот се испочитувани“.

Неколку часа подоцна, оставка поднесе и вториот директор на Фондот, Џемаил Мехази.

„Случајот на Тамара ме погоди како човек и како родител. Во времето додека ја извршував оваа функција, лично сум се залагал за да се решаат сите случаи кои се обратиле до ФЗОМ, секако во согласност не само со законските обврски и водени од лична совест. За мене и моите соработници немаше значење, во никој момент, името, етничката и верската припадност, во изнаоѓање на решенијата за нашите граѓани“, се наведува во неговата писмена изјава.

Министерот Тодоров, еден ден по смртта на малата Тамара изјави дека направил сè што е во негова моќ за овој случај и најави дека ќе се испитува целата постапка за добивање пари за операција. Тој изрази разочарување и сочувство до семејството на девојчето, но не презеде одговорност. „За жал не издржа. Мислам дека сè што беше во моја моќ да направам, дури можеби и повеќе од тоа, направив, сепак очигледно не било тоа доволно“, рече тој.

Паралелно со уличните протести, на социјалните мрежи во тек е кампања со која се бара оставка од министерот Тодоров, којашто досега ја поддржале над 18.500 граѓани.

XS
SM
MD
LG