Линкови за пристапност

Се` поголема загриженост околу бегалската криза


ЛДП стравува дека Македонија ќе стане прибежиште и тампон зона за бегалците

Воведување на директна линија од Гевгелија на македонско-грчката граница до Виена, Австрија, со што возовите не би запирале на попатни станици на „Балканската рута“, а со здружени сили, полициите од државите од регионот заеднички би ги регистрирале бегалците од воените жаришта. Ова е најновото решение за намалување на тензиите настанати со бегалската криза. Властите од погодените држави од кризата така и би ги споделувале зголемените трошоци околу кризата, преку заедничко профилирање и регистрирање на бегалците на македонската страна на границата со Грција, а допрва ќе треба да се договорат за евентуалната медицинската помош за време на железничкиот превоз.

Во тој контекст, покрај полицајците од Хрватска, Чешка, Словачка, Унгарија, Србија и Австрија кои се веќе распоредени на македонско-грчката граница, во Македонија ќе се испраќаат полициски службеници и од други земји членки на ЕУ, со цел, спречување на шверцот со мигранти од африканските и азиските држави.

Но, со новите правила за трансфер на бегалците по „Балканската рута“, договорени меѓу властите на Хрватска, Словенија, Австрија, Србија и Македонија, низ македонските медиуми се шири загриженост дека токму Македонија ќе стане главна раскрсница на нивниот пат за Европа.

Во меѓувреме, Хрватска соопшти дека ќе го затвори кампот за бегалците во Славонски Брод, со што тие нема да се задржуваат на хрватска територија, како и дека возовите со бегалци ќе запираат „само за промена на локомотивите и на полицајците од обезбедувањето“.

Либерално-демократската партија како вознемирувачки го оцени фактот што Македонија се` почесто се споменува како тампон-зона за бегалците од Ирак, Авганистан и Сирија, која би ги обезбедувала границите на земјите-членки на ЕУ.

„ЛДП, јавно и недвосмилено бара одговор од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, за тоа дали неговата партија прифатила на македонска територија да се градат бегалски кампови, во кои би се вдомиле од 30.000 до 100.000 бегалци, притоа целосно занемарувајќи ја безбедноста и сигурноста на македонските граѓани“, прашал портпаролот на ЛДП, Филип Јаневиќ. „Дали има сериозна основа за загриженост на граѓаните, по информациите дека веќе е направен ‘пазар’, бегалците да ги сместат во објектите од поранешните касарни на АРМ кои се` уште се во владение на општините, како во Битола, Струмица, Гевгелија“, прашува Јаневиќ.

XS
SM
MD
LG