Линкови за пристапност

Репортажа: Од Авганистан до Европа низ Македонија


Патешествие со многу непознати и многу препреки

Врнежлив ден. Возам кон Идомени, мало село на самата граница со Македонија. Пресретнувам помали групи бегалци. Некои се враќаат од границата, велат, накиснале до гола кожа во текот на ноќта ,па ќе се обидат да најдат место во блискиот хотел за да се одморат и да си ги исушат алиштата. Како се доближувам до селото, пред мене автобус со грчки регистерски таблички полн со бегалци, ги носи во правец на Идомени. Го преминувам, и сто метри понатаму се разминувам со друг таков автобус што се враќа кон Солун веројатно по нова група бегалци.

Кога стигнав, забележав бројни полициски автомобили и бегалци кои немаат можности да се засолнат во хотел, па се кријат од дождот под тремовите на куќите. Се обидувам да најдам некого од локалното население да го прашам како живеат во селото во кое дневно доаѓаат стотици бегалци во обид да ја минат границата. Сопирам автомобил со грчки регистерски таблички и возачот љубезно прашува како може да ми помогне. Тоа беше триесет годишниот Василис од Идомени. Го прашувам дали имаат проблеми со бегалците. „Не е пријатно“, вели тој но нагласува дека досега немало проблем. „Имаше случаи кога некои се обидоа да се сокријат од големата жештина или од дождот во викендички кои се празни на сопственици кои живеат во Солун, но никогаш не е украдено ништо“ ми вели Василис. На крајот од оваа наша куса средба ми го кажува правецот како да стигнам до границата каде што се бегалците.

По пат во една напуштена плевна забележувам група од педесетина бегалци счучулени околу неколкуте огнови кадешто се топлат, ги сушат алиштата и печат пченка набрана во околната нива. Ме гледаат љубопитно но без прашање. Им се претставувам дека сум новинар од Македонија по што неколкумина побрзаа да станат од огнот и да разговараат со мене.

„Што се случува кај вас? Зошто не не` пуштаат? Кога ќе не` пуштаат да минеме? Има ли нешто на вашите вести околу ова? Не знаме што да правиме“, беа некои од прашањата.

Се чувствувам помалку непријатно што немам одговор за сите нивни прашања знаејќи дека тие одговори им се од пресудно значење.

„Патуваме седум месеци од Авганистан, јас мојата жена и мојот син“, вели 27-годишниот Фаршат од Авганистан. „Има седум месеци од кои шест ги мина на пат. Сакам да стасаме во Германија каде што брат ми успеа да добие азил и сега се заглавивме тука. Потрошивме се` што имавме. Ја продадовме куќата, нивите и се` што заштедивме. Во Иран шверцерите ни` зедоа 5.000 долари за да не` префрлат до Турција. Кога стигнавме таму најдовме други кои ни` побараа 4.000 долари за да не` донесат со чамец во Грција. Отидоа и други 3.000 долари за разни давачки...Нема повеќе што да дадеме. Сакаме само да некој да ни` помогне за да стигнеме во Германија“ ми кажа во очај овој соговорник. Бил војник и припадник на етничката група Хазара во таа земја. „Талебанците не` мразеа, но ништо подобро не не` третира ни оваа влада. Не е лесно да си Хазара..за нас нема никаква перпектива во и онака бесперспективиот Авганистан“, ми вели Фаршат на неговиот јазик, а преведува на лош англиски еден Ирачанец кој го познава јазикот на Фаршат. Понатаму ми раскажува за неговата сопруга, 21- годишната Махуса.

Махуса клекната го држи својот седумесечен син, молчи и не се меше во разговорот кој го водам со нејзиниот сопруг со посредство на преведувач. Сакам да знам како е детето, како тоа на таа возраст го издржува ова патешествие од Авганистан кон Европа. Ја гледам в очи во обид да испровоцирам одговор од неа. Таа молчи, но и` се препознава замор, тага и загриженост. Фаршат ми вели дека детето е засега добро. Неколкупати по пат имало покачена температура, но брзо минало се`. Родителите додадоа дека со себе немаат никакви лекарства.

„Некогаш имаме среќа да наидеме на претставник на организацијата „Лекари без граници“, тие се единствените кои ги среќаваме за медицинска помош“, вели Фаршад напоменувајќи дека помош им пружаат и поединци, жители на села каде што минуваат, волонтери и некои невладини организации.

Оваа посета на напуштената племна ја искористив да поразговарам и со други бегалци од Сирија, Сомалија, Ирак...сите со свои горки животни приказни. Некои од нив одбија да разговараат со мене, велејќи дека ние новинарите само ги користиме за да си напишеме нешто, а тоа нив не им е од никаква помош. Еден Сириец дури луто ми се обрати, велејќи: „Како можеш ти да ни помогнеш? Сакаме да ја преминеме границата и да си одиме во Европа во мир“, додавајќи дека јас не сум тој што може да му помогне. Некои ми го порачаа следново: „Ве молиме пренесете во Македонија дека ние само сакаме да поминеме во мир и ништо повеќе од тоа, никому ништо лошо не правиме“.

На заминување се пресретнав со уште еден жител на Идомени кој беше очигледно нервозен и не толку толерантен кон новонастанатата ситуација во селото. Ја забележа мојата македонска регистарска таблица и со повишен тон се извика на мене со зборовите: „Како не ви е срам со бомби да фрлате на овие луѓе, пуштете ги да поминат и нека си одат таму кај таа Меркел, таа нека се грижи за нив“, извика жителот на Идомени, без да остави простор да му одговорам што било.

XS
SM
MD
LG