Линкови за пристапност

Егзодус преку Македонија кон ЕУ


Мачната слика на имигранти кои на скапо купените велосипеди се обидуваат да допрат до ЕУ, медиумите ја нарекоа „Tour de Macedonia“

Реагирајќи на медиумските објави дека дел од имигрантите, главно бегалци од со војна зафатените подрачја во Сирија, кои од почетокот на пролетта се` помасовно транзитираат низ Македонија, се заложници во липковското село Ваксинце, каде нивните киднапери наводно чекале откуп за да ги ослободат, македонската полиција околу 04 часот утринава, спровела акција во селото.

По претресот на десет објекти, во пет од нив, полицијата пронашла и привела 128 странци кои илегално престојувале во Македонија, а против четири или пет лица кои се осомничени дека криумчареле странски државјани, ќе бидат поднесени кривични пријави.

На имигрантите кои не биле киднапирани, а биле сместени во горниот дел од селото, наводно им бил наплатуван престојот и помошта при преминувањето на границата.

Ова е само последната од серијалот медиумски стории за трагедијата на имигрантите кои од грчките пристаништа, преку Македонија и Србија, на сите начини, се обидуваат да стигнат до Унгарија и понатаму до другите членки на ЕУ, пред се`до Германија.

Во контекст на топ-темата во македонските медиуми, денес претставници на НВО и од канцеларијата на Народниот правобранител, го посетија Центарот за мигранти во скопската населба Гази Баба, по вчерашните информации за бунт на таму сместените илегалци.

Медиумите вчера објавија и видео запис, наводно снимен од жителите од соседството на Центарот, на кој се слуша како имигрантите на англиски извикуваат „Сакаме слобода“. Причина за протестите биле условите и „пренаселеноста“ во Центарот, а првата реакција дошла од граѓанската организација „Легис“, која се обратила за помош до УНХЦР, Црвениот крст и Народниот правобранител.

Што ако се организираат и решат да прават проблем, тоа е веќе безбедносно прашање не само хумано.
Павле Трајанов

Пратеникот од малата партија Демократски сојуз, Павле Трајанов, инсистираше Македонија да подготви стратегија за прифаќање на бегалците кои како мигранти транзитираат низ неа, да се организира интересекторска група - штаб, составен од претставници на повеќе министерства која ќе ги организира работите, како и да се направи камп каде имигрантите организирано ќе се прифаќаат и организирано ќе се проследуваат до земјите на ЕУ, ако за тоа има расположение, зашто, според него, странските разузнавачки служби предупредувале дека и дел од борците во кризните региони се движат со имигрантите.

„Што се` може да се случи ако овие војници се соберат во Слупчане, Лојане, Липково? Што ако се организираат и решат да прават проблем, тоа е веќе безбедносно прашање не само хумано. Треба да постои и легална рамка за луѓето што сега на некој начин на диво им помагаат да може тоа да го направат легално“, изјавил Трајанов за „Плусинфо“.

Омбудсманот Иџет Мемети за НВО Цивил изјави дека состојбата на имигрантите кои престојуваат во центарот е мизерна, дека тие немаат ниту елементарни права и дека не можат ни да контактираат со семејствата.

„Таму има деца. При нашите посети констатиравме дека имаме слаб систем за прифаќање на бегалците. А додека престојуваат тука, им е тешко и никако не можат да ги остваруваат своите права. Две години не е преземано ништо, ниту од формален, ниту од реален аспект. Ни законот не е подобрен за да има повеќе стандарди, за да може да остваруваат повеќе права, за да не дојде до вакви катастрофални последици. Од друга страна, ни реалните, сместувачки капацитети не се средени. Македонија не може да го направи тоа, а има обврска како држава да го направи. Затоа, ни се случуваат трагедии каде што има и жртви. Властите многу малку прават во однос на нивните права за да ги прифатат во однос на стандардите“, изјави Мемети.

Канцеларијата на Народниот правобранител и претходно, во медиумите потсети дека уште во 2012 година ги констатирале проблемите со кои се соочуваат имигрантите, а се однесуваат и на лошите услови во Центарот, но и проблемите со законите, поради што иницирале барање за промена на законската регулатива, но и за подобрување на условите во сместувачките капацитети.

А на теренот, низ Македонија, продолжува голготата на бегалците – мигранти. На дел од железничките станици, полицијата со оружје не им дозволува да влезат во возовите и да го продолжат патувањето кон север. По бројните смртни случаи на македонските пруги по кои ноќе оделе пеш, сега тие од македонските државјани купуваат стари велосипеди по цена од 150-200 евра, и со нив се движат по автопатот, откако македонската полиција последните неколку денови, има поблаг однос кон нив.

Ваквиот начин на транзит низ државата, дел од македоднските медиуми веќе го нарекоа „Tour de Macedonia”.

„Велосипедистите“ од Сирија и Авганистан неретко се договарале со организираните „продавачи“ на велосипеди каде да ги остават, пред да излезат од државата.

И додека дел од гранските организации покренуваат иницијативи за помош на имигрантите, челникот на Комисијата за одбрана и безбедност, Емил Димитриев, за измените на Законот за азил, изјави дека актот не е влезен во собраниска процедура.

Амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Гарет најави дека Британија „ќе ги поддржи националните институции во изградбата на одржливи и ефикасни механизми за заедничка акција во идентификацијата на нерегуларните имигранти. Ова ќе го направиме преку развивање и усвојување регуларна правна рамка во регионот на Западниот Балкан за толкување на ретките јазици...“

„Миграцијата не е првпат една од клучните меѓународни приоритети и целата меѓународна заедница е запрепастена од смртта на стотици, па дури и илјадници мигранти кои се обидуваат да го преминат Медитеранот. Сведоци сме на жртви и овде во Македонија. Бројките се чини дека растат неверојатно“, потенцирал Гарет.

Вечерва и во Кампот на слободата пред Владата, граѓански активисти ќе дебатираат на темата „Имигранти во Македонија“, а ќе се активира и пункт за собирање донации за помош на имигрантите кои минуваат низ Македонија.

XS
SM
MD
LG