Линкови за пристапност

Нимиц разговараше со Јолевски и Василакис во Њујорк


Посредникот на ОН најави посета во регионот, уште во јули.

За нешто повеќе од месец дена, во седиштето на ОН во Њујорк по вторпат се одржа средба за името во познатиот формат - специјалниот посредник Метју Нимиц разговараше со преговарачите на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Нимиц по средбата информираше дека разговарале „за изборните процеси во двете земји, и какви ефекти имаат врз разговорите за името“ и најави дека планира да ги посети обете земји уште на почетокот на јули.

„Разговаравме за позициите на земјите, и за некои аспекти од разговорите за името, историски и денешни“, рече Нимиц.

Прашан за очекувањата од разговорите со владите во Скопје и во Атина, Нимиц коментираше: „Позициите на двете влади се искажани. Имам дадено многу предлози. Некои области во аспектите што јас ги сугерирав не им се допаднаа на владите. Би сакал да најдам решенија за тие области, како да и да видам дали има нови размислувања и начини да се пријде на проблемот за да се постигне решение“.

Нимиц планира во текот на летово интензивно да работи на проблемот. Со оглед на, како што рече, новата ситуација во светот и интересот да се речи спорот, Нимиц смета дека дошло време за решение. Амбасадорите Јолевски и Василакис не дадоа изјави.
XS
SM
MD
LG