Линкови за пристапност

Прво бебе од смрзната јајце-клетка во Македонија


Новороденчето долго 51 сантиметар и тешко 3,67 килограми, што дојде на свет во болницата „Ре Медика“, е првото вака родено

„Првото бебе од смрзната јајна клетка кое се роди во нашата болница не` прави среќни и горди како тим, бидејќи воведувањето на една ваква сложена метода навистина беше вистински предизвик“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик доцентот д-р Зоран Петановски, шеф на Центарот за инвитро оплодување во приватна болница „Ре медика“ во Скопје.

Според него за да се етаблира една ваква метода, потребна е софистицирана опрема и тим што и теоретски, и практично ја владее материјата, но и уште два многу важни момента.

„Едниот е дека воведувањето на методата не смее да ја наруши хармонијата на работата во лабораторијата, и вториот, методата треба по почетокот да стане рутинска. Нашиот тим ги постигнува и двете цели, имено нашиот успех на оплодување, односно стапката на клиничка бременост е во континуиран пораст, а веќе имаме и неколку други бремености кои ги следиме, а се добиени од замрзнати јајни клетки“, наведува д-р Петановски.

Според него, етаблирањето на оваа метода ја рангира „Ре Медика“ во самиот врв на понудата на асистираната репродукција: „Тоа не прави рамноправни во понудата со било кој европски центар за вонтелесно оплодување. Сега, граѓаните на Македонија нема да мораат да одат во странски центри да ја направат оваа постапка, бидејќи ја имаат и дома. Од друга страна, стануваме интересни и за дел од земјите во опкружувањето, каде оваа метода се усте не етаблирана.

Приватната општа болница „Ре Медика“ три години ја имплементираше постапката за смрзнување и чување на јајце-клетки за ин витро фертилизација, а бебето тешко 3 килограми и 670 грама и долго 51 сантиметар е првото родено од смрзната јајце – клетка во Македонија.

Смрзнатата јајце клетка била чувана во софистицирана лабораторија, прва сертифицирана и акредитирана на Балканот, во специјални контејнери на температура од 196 степени Целзиусови што се постигнува со течен азот.

Откако лекарскиот тим на болницата, според народниот обичај, за новороденчето почести со мекици, професорот д-р Глигор Димитров, шеф на Одделот за гинекологија и акушерство во „Ре Медика“, за „Нова Македонија“ изјави дека покрај успешно завршена бременост на првото, очекуваат раѓање на уште неколку бебиња зачнати со ин витро со смрзната јајце-клетка.

„Особено сум горд на тимот зашто во последните неколку години успеа да ги достигне резултатите на европските и на светските центри, за кои особен проблем беше смрзнувањето јајце-клетки. Да се смрзнат сперматозоиди и ембриони не е особено тешко денеска. Но во целиот свет проблем беше смрзнувањето на јајце-клетките поради нивната фрагилност“, изјави д-р Димитров.

На прашањето - што значи успехот на македонските лекари за пациентките, и воопшто, за бездетните семејства, д-р Петановски за Гласот на Америка на македонски изјави дека оваа метода има примена во неколку ситуации: „При самата постапка на вонтелесно оплодување, ако е во тој момент машкиот фактор со екстремно лош квалитет, вишокот на јајни клетки можат да се замрзнат и потоа оплодат, кога кај машкиот фактор ќе се подобри капацитетот на оплодната моќ. Втор многу важен момент е криопрезервација на јајните клетки пред планирана операција кај жените, каде ќе има губење на ткиво на јајникот, како тумори и малигни состојби на женските генитални органи и дојката. Процесот на донација на гамети, кој е дозволен во Македонија, со овој метод ќе се поедностави“.

Д-р Петановски наведува и дека постапката овозможува жената на млади години да замрзне свои јајни клетки, а потоа, кога ќе посака, со одмрзнување на истите, да постигне бременост.

XS
SM
MD
LG