Линкови за пристапност

Дебата за Нацрт-амандманите на Уставот


Најжестоки критики за измените што ги засегаат финансиите; на расправата не учествуваа нивните предлагачи од владејачкото мнозинство

Во организација на Фондацијата Отворено општество денес се одржа јавна дебата за Нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија што засегаат во правосудството, финансиите и бракот и семејството.

Во однос на решенијата околу судскиот систем и воведувањето на уставната жалба, учесниците во расправата сметаат дека тие имаат недоречености и бараат допрецизирање, но сепак се согласија дека претставуваат чекор напред во надградувањето на правниот систем.

На дебатата големи забелешки беа упатени на заложбите за уставно дефинирање на бракот – беа оценети како државна контрола на приватниот живот на граѓаните што отстапува од меѓународните стандарди.

Најжестоки критики беа изречени на сметка на предлог-измените што ги засегаат финансиите. Професорот по уставно право Светомир Шкариќ како особено проблематичен го означи амандманот 34 што ја воведува меѓународната финансиска зона како издвоена географска локација вон доменот на уставното и меѓународното право.

„Се врши уставен удар врз постојниот уставен поредок, кој е посилен од оној што го направи на 24 декември 2012 година. Овој амандман има разорна дејност врз македонската државност, одлуките на АСНОМ и целокупното право. Овој амандман ќе биде најголема пречка за зачленување на Македонија во ЕУ. Владата предлага Македонија да има и втор устав. Тој амандман го сведувам на категорија устав. Тој е паралелен устав. Не е за дополнување на едниот со другиот, туку нивно исклучување“, потенцираше Шкариќ.

Тој побара од претседателот Ѓорге Иванов да не молчи и да не се држи по страна, бидејќи, како што рече, со овој амандман се удира против неговата парола од изборната кампања, „државата пред се'“.

Критички кон амандманите се осврна и поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев.

„Нашата ситуација е континуирано насилство од 2006 година наваму. Измената на Законот за јавен долг е продолжување на насилството. А, сега дефинираат што е јавен долг, и тоа ќе биде некомпатибилно со дефиницијата на ММФ и Светска банка. Со тоа тие укажуваат дека и оние 60 отсто што ги планираат како граница, за Македонија ќе бидат 75 или повеќе зашто со дефиницијата го кратат долгот и вештачки создаваат неточна бројка како квалификација“, рече Гошев.

Академик Абдулменаф Беџети го коментираше решението предвидено со овие амандмани за формирање на слободни финасиски зони: „Екстериторијалност од воведувањето на слободната финансиска зона, која не само што нема да и' донесе ништо добро на државата, туку ќе овозможи внесување нечист капитал во Македонија“.

На денешната расправа не учествуваа предлагачите на измените на Уставот од владејачкото мнозинство.

XS
SM
MD
LG