Линкови за пристапност

Меѓународниот ден на Ромите во Македонија


„Луѓето да се сакаат и почитуваат меѓу себе, бидејќи сите сме исти под сонцето“, изјавил Џевдет Џелоски од невладината организација „Ромска ѕвезда“.

„Припадниците на ромската заедница најчесто се соочуваат со зголемен социјален ризик поради високиот процент на невработеност и социјална зависност, а непоседувањето на лични документи, субстандарните услови за живеење и ниските социјални надоместоци дополнително го оттежнуваат животот на оваа етничка заедница“, се вели во соопштението на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права, по повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април.

Потенцирајќи дека особено загрижува тоа што Ромите во Македонија се` уште имаат проблеми со непоседување на лични документи и со обезбедување на основни услови за домување, Комитетот наведува дека и нивната последната анализа покажува оти „постои голема колизија помеѓу она што е утврдено во Националната стратегија за инклузија на Ромите - Декада на Роми 2005-2015, и она што е навистина имплементирано во пракса“.

Хелсиншкиот комитет ги повикува властите во Македонија да го унапредат процесот на инклузија на Ромите, со преземање на следните активности: менување на Законот за државјанство и приспособување на неговите одредби на состојбата и условите за живот во кои живеат Ромите, ратификација на Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство и олеснување на постапката за евиденција во матичната книга на родените и добивање на лични документи, разгледување на можноста за продолжување на поставените рокови за поднесување барање за легализација од Ромите кои во 2011-та година немале лични документи, евентуално додавање одредба во Законот за легализација на бесправно изградени објекти со која би им се овозможило на граѓаните да ги легализираат своите објекти и по изминување на предвидените рокови, зголемување на социјалната помош и утврдување на минимален приход на годишно ниво, што нема да биде пречка за остварување на правото на социјална парична помош.

Во празничното интервју за МТВ, министерот без ресор Неждет Мустафа потенцираше дека ромската заедница во Македонија има претставници во сите нивоа на власта - министер, пратеник, градоначалник, советници во локалната власт, заменик на народниот правобранител и мноштво раководители во државната и јавната администрација и тврди дека „сонот на Ромите во Македонија постепено се остварува“. Според Мустафа, „повеќе од петстотини средношколци и студенти Роми се интегрирани во сите министерства во Владата, тоа што го нема во ниту една држава во светот! Впрочем, јас сум единствениот Ром-министер во светот и тоа е голема гордост на македонските Роми и на сите други држави во светот да земат пример од демократијата на Република Македонија“.

Иако во Македонија со години наназад не е организиран попис на населението, се претпоставува дека над 53.000 нејзини граѓани се декларираат како претставници на ромската заедница која главно живее во градовите, или околу 2,6% од вкупното население.

По повод Меѓународниот ден на Ромите, денес во Куманово се одржа трибина чија тема беше актуелната состојба на Ромите во Македонија и нивната вклученост во општеството. Дел од одбележувањето на 8 Април во Куманово е и изложбата „Ромската носија низ децениите“во Уметничката галерија, во организација на Националниот ромски центар и кумановскиот музеј, под покровителство на градоначалникот и на Советот на Општина Куманово. Денот на Ромите бепе одбележан и во Битола, на плоштадот „Магнолија“, каде Џевдет Џелоски од невладината организација „Ромска ѕвезда“, за медиумите изјавил дека дискриминација кон Ромите се` уште постои, дека таа не е насочена само кон Ромите, но и дека би исчезнала „ако луѓето се сакаат и почитуваат меѓу себе бидејќи сите сме исти под сонцето“. Во Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески примил претставници од ромската заедница, на кои им порачал дека Општината максимално се залага и работи на стратегија за унапредување на нивните права и на нивната заштита, како и на подобрување на животниот стандард и условите за образување и вработување.
XS
SM
MD
LG