Линкови за пристапност

Кој во клин, кој во плоча


Предлог-законот за високо образование на второ читање; Професорскиот пленум се жали до ЕК, а власта одбива да го пролонгира донесувањето

Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт денес на второто читање во Собранието почнаа со разгледување на околу 150 амандмани, главно за контроверзниот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование, но и за пакетот предлог-измени на законите за основно и за средно образование.

Со тоа, власта се оглуши на барањата на Професорскиот и Студентскиот пленум за неодложно повлекување на спорниот законски предлог, за да почне дебатата на сите засегнати страни, како што се студентите и околу 500 професори и членови на академската заедница.

Професорскиот и Студентскиот пленум денес немаа амандмани за расправата, оти и покрај сите нивни досегашни барања и протести, немаа шанса ни да разговараат со претставниците на власта, а како одговор на повикот на премиерот Никола Груевски за сугестии и аргументи против спорниот закон, единствено побараа негово итно повлекување, зашто не гледаат логика во вклучување во расправата во претпоследна фаза на постапката, пред измените да бидат конечно усвоени од собраниското мнозинство.

Од друга страна, тврдејќи дека единствена желба и` е подобрување на квалитетот на знаењата, на дипломите на студентите и на образованието во целост, власта децидно одбива да го пролонгира донесувањето на законот, иако поголемиот дел од академската заедница, опозицијата и пред се`, самите студенти во медумите и на протести на улиците тврдат дека се работи за уривање на автономијата на универзитетот.

Комисијата за образование наука и спорт по само еден час расправа за пакетот предлог закони денес прекинала со работа поради петминутна пауза, која се продолжила на три ипол, па потоа и на пет часови! Независната пратеничка Солза Грчева обвини дека измените на законот за високо образование, коишто според неа се „недоправени, неписмени и половични“, се намерно поставени како последни на дневниот ред на собраниската комисија, за новинарите коишто ја следат расправата да си заминат до полноќ.

Претходно, Професорскиот пленум испрати писмо до Тибор Наврачич, европски комесар за образование, култура, млади и спорт и до неговиот колега задолжен за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, тврдејќи дека процесот на реформа на високото образование во Македонија е апсурден.

„Ве повикуваме, со авторитетот на вашите позиции во Европската комисија, да се изјасните и да упатите повик до Владата на Македонија да ги повлече предложените закони и да започне нова, широка и транспарентна дебата со учество на сите субјекти вклучени во образовниот процес“, стои во писмото на Професорскиот пленум.

И четворица поранешни ректори на најголемиот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Ѓорѓи Филиповски, Драги Данев, Александар Анчевски и Ѓорѓи Мартиновски, со писмо до медиумите ја изразија својата поддршка за Студентскиот и Професорскиот пленум, барајќи одложување на измените коишто се однесуваат на Законот за високо образование.

XS
SM
MD
LG