Линкови за пристапност

Премиерот Груевски пред Ван Ромпуј ги бранеше реформските процеси


Една недела пред одржувањето на Европскиот Совет во Брисел се обидува да обезбеди зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.

Премиерот на Република Македонија Никола Груевски на една недела пред одржувањето на Европскиот Совет во Брисел се обидува да обезбеди зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Попладнево се сретна со претседателот на Европскиот Совет (ЕС), Херман ван Ромпуј.

Во фокусот на разговорот бил проблемот со името, но и квалитетот на реформските процеси, за кој има забелешки од некои земји-членки на ЕУ.

“Мислам дека господинот Ван Ромпуј директно од нас доби вистинска слика за она што се случува во Македонија, оти кај секој политичар овде пристигнуваат различни информации од различни страни. Ценевме дека е добро да ја слушне нашата страна, да му ги презентираме нашите аргументи, тоа го направивме, како во делот на реформите, но и во сите други области што се значајни и за кои тој пројави интерес“, изјавил Груевски за МИА по средбата со Ван Ромпуј.

Македонскиот премиер детално образложил што се случува на планот на некои суштински реформски зафати кои треба да го устројат македонското општество по европските стадарди.

„Зборувавме за реформите што ги правиме во земјата, за она што е постигнато, за проблемите со кои сме се соочувале во минатото и како истите ги решававме. Разговаравме и за оние проблеми што сега ги имаме. Се фокусирав во голем дел на многуте реформи што ги направивме, и во делот на економијата, и во делот на судскиот систем и администрацијата, посебно најновиот закон што го имаме во овој дел“, истакнал Груевски.

Портпаролот на Ван Ромпуј, Дирк де Бакер, во разговор со дописникот на МИА од Брисел уште пред средбата појаснил дека челникот на Советот нема да даде изјава за разговорите од средбата, ниту дека ЕС ќе излезе со соопштение за деталите од истата.

Инаку, по оваа средба во Советот, премиерот Груевски замина на работен ручек со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, на која се очекува да им ги објасни чекорите на Владата за зачленување во Унијата и да им испрати порака дека Македонија е целосно подготвена да ги почне пристапните преговори повеќе од која и да е друга земја-кандидат, како и дека тој процес е главна стратешка цел на Владата на Република Македонија.
XS
SM
MD
LG