Линкови за пристапност

УНЦХР: можноста за азил клучна во проблемот со мигрантите


Италијанската крајбрежна гарда спасува мигранти коишто минале преку Средоземното Море од Либија
Италијанската крајбрежна гарда спасува мигранти коишто минале преку Средоземното Море од Либија

Агенцијата на ОН ја поздрави одлуката на ЕУ да ги зголеми средатвата за поморските операции за спасување, но бара трајно решение

Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНЦХР) го поздрави планот на Европската унија (ЕУ) тројно да ги зголеми средствата операциите на потрага и спасување во Средоземното Море, но истакна дека клучна за безбедноста на бегалците е можноста да добијат азил откако ќе побегнат од насилството во нивните земји.

УНЦХР денес соопшти дека проширувањето на поморските операции е важен прв чекор, но дека за решавање на ситуацијата, во којашто многу бегалци загинаа во обидот да пребегаат, мора да им биде овозможен друг начин да стигнат на безбедно. Агенцијата на ОН ја повика ЕУ да пружи други, правни канали за заштита на бегалците.

Според УНЦХР, околу половина од мигрантите, коишто минатата година го минале Средоземното Море за да стигнат во Европа, се обидувале да избегаат од војната и прогонувањата во Африка и на Блискиот Исток.

Одлуката ја поздрави и Фронтекс, европската агенција за заштита на границите. Одлуката беше донесена на итниот состанок за безбедноста на мигрантите вчера во Брисел. Во изјавата на Фронтекс стои дека ветените средства на состанокот ги надминале очекувањата на агенцијата. Состанокот на европските водачи е реакција на потонувањето на брод со мигранти неделата во близина на италијанскиот брег. Според претпоставките, се удавиле околу 900 лица.

27-годишниот капетан на бродот и еден од 28-те преживеани во несреќата, денес се појави пред суд во италијанскиот град Катанија, обвинет дека ја предизвикал несреќата со тоа што несакајќи удрил во рибарски брод, по што бродот со којшто тој управувал се превртел и потонал.

И додека Европа се фокусира на поморскиот проблем со мигрантите, во Македонија загинаа 14 вакви лица коишто се обидувале да допрат до ЕУ по копнен пат. Во нив удрил воз во близина на Велес додека се движеле по железничката пруга којашто е дел од нивниот вообичаен правец од Балканот кон Западна Европа. Според македонските власти, поголемиот дел од групата се државјани на Сомалија и Авганистан.

XS
SM
MD
LG