Линкови за пристапност

Во Брисел расправа за европските интеграции на Балканот


Министрите од Западен Балкан пред Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент отворија прашања релевантни за регионот

Во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент денеска гости беа шестмина министри од држави од Западниот Балкан. За прв пат во ова друштво беше и шефот на косовската дипломатија Енвер Хоџај.

Во двочасовната расправа пратениците отворија повеќе прашања релевантни за европската интеграција на регионот, но најголемо внимание привлече актуелната политичка ситуација во Србија по доаѓањето на Шешељ во Белград, српското приближување кон Русија и македонско-грчкиот спор за името.

Повеќе членови на ова тело изразија загриженост поради одлагањето на почетокот на преговори за членство на Македонија, но ги нагласија и проблемите во реформските процеси во државата.

Известувачот за Македонија, Иво Вајгл, рече дека Европската унија не била ефективна во затворањето на прашањето на Македонија, и дека е неприфатливо шест пати да се дава препорака за преговори, а тоа да не се оствари, па побара паралелни преговори и за едното и за другото. Тој исто така потенцираше дека Македонија треба да обезбеди подобра слобода на медиумите, реформи во судството и поефикасна имплементација на Рамковниот договор.

Пратеникот од Европската народна партија, Едуард Кукан, изрази загриженост поради, како што рече, ерозијата на политичката ситуација во Македонија, која ја оцени како „резултат на внатрешна фрустрација“, и побара спорот за името да се третира како европски, а не билатерален проблем.

Од своја страна грчките европратеници во своите излагања ја обвинија Македонија дека нема политичка волја за решавање на спорот.

Шефот на македонската дипломатија одговарајќи на коментарите рече дека реформи се секогаш потребни, но дека тие „не треба во случајот да се користат како магла за да се прикрие немоќта на Советот на министрите да обезбеди консензус за да одобри почеток на преговори за Македонија“.

Во врска со состојбите во Македонија, Никола Поповски изјави дека како во секоја демократија постојат различни видувања, но дека целата држава е обединета околу желбата за европски интеграции кои, како што рече тој, се најсилната кохезивна сила во Македонија.

XS
SM
MD
LG