Линкови за пристапност

Преговори за членство, со гаранции дека спорот за името ќе се реши во раната фаза на преговарачкиот процес


По објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија

Македонија и оваа година задоволително ги исполни политичките критериуми, поради што Европската комисија по четврти пат на Европскиот совет му предлага да одреди датум за почеток на преговори за членство,се вели во Извештајот за напредок што денеска го објави Комисијата во Брисел.

ЕК верува дека почетокот на преговорите е неопходен за да се консолидира мирот и стабилноста, да се зајакнат меѓуетничките односи, за да се одржи реформскиот процес и да се избегне ризикот од негов застој, се вели во препораката на ЕК упатена до Европскиот совет кој ќе заседава во декември.

Според ЕК, почетокот на преговорите за членство е значаен и за да се зачува кредибилноста на ЕУ како главен промотор на реформските процеси во целиот регион. Комисијата во извештајот нагласува дека изнаоѓањето на решение за името под закрилата на ООН останува да биде од суштинско значење. Одлуката на Европскиот совет за отпочнување на преговори, се вели во извештајот, ќе придонесе да се создадат услови за решавање на спорот. Во тој контекст, ЕК изразува подготвеност да презентира, без одлагање, предлог за рамка на преговорите за името која ќе ја има во предвид потребата за решавање на проблемот во раната фаза на почетокот на преговорите за членство.

„Сега треба да видиме како уште на самиот почеток на преговорите да се најде решение за името и да им обезбедиме гаранции на земјите-членки дека тоа ќе се случи“, изјави комесарот Штефан Филе потенцирајќи дека изнаоѓање на компромис за името мора да има.

„Ние го почитуваме тоа што владата во Грција и покрај сите тешкотии со кои се соочува сепак води сметка за тоа што можат да направат за време на нивниот претседавачки мандат во 2014-та, како и за тоа како да ја помогнат интеграцијата на Западиот Балкан во ЕУ“, вели Филе.

Според него меморандумот на грчкото Министерство за надворешни работи упатен до официјално Скопје е сериозна инцијатива на Грција.

„Очекувам дека ќе има позитивни реакции во Скопје и дека од нивна страна ќе презентираат нивни идеи за содржината на тој меморадум и дека со тоа ќе создаат атмосфера која ќе овозможи решение на проблемот“, изјави Штефан Филе на прес конференцијата во Брисел, на која беа презентирани Извештаите за напредок на земјите-аспиранти за членство во ЕУ.

Според првиот човек на Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус, постојат шанси да се мрднат работите од мртва точка, затоа што, како што наведува, по одобрувањето на преговори за Црна Гора, во фокусот на интересот на процесот на проширувањето сега е Македонија.

Според твитер-белешката на аналитичарот од Еуроактив, Ѓорѓи Готев, изгледа дека меморандумот предложен од грчка страна до македонската дипломатија може да послужи за база врз која ќе се обезбедат гаранциите дека спорот ќе биде решен во рана фаза на преговорите за членство.

Европратеникот Јоханес Свобода, пак, нагласи дека земјите-членки на ЕУ работат на случајот Македонија да добие старт на преговори. Европратеничката Тања Фајон изјави дека препораката на ЕК е јасен сигнал дека Македонија се насочува кон почеток на преговори за членство.

Еврокомесарот Штефан Филе на крајот на прес-конференцијата изјави дека се согласува со аналитичарите кои велат дека евроатлантските перспективи се лепакот кој ја држи Македонија цврста и дека е дојдено време да се реши тоа прашање.
XS
SM
MD
LG