Линкови за пристапност

Во насилство во Египет загинале 34 лица


Муслиманското братство и армијата имаат различни верзии за настаните од понеделникот

Претставници на египетското Министерство за здравство велат дека 34 лица биле убиени во насилство во близина на армиска зграда во Каиро каде поддржувачи на соборениот претседател Мохамед Морси протестирале заради неговото симнување од власт.

Муслиманското братство на Морси ја обвинува армијата, велејќи дека војниците пукале на протестантите во понеделник, во седиштето на Републиканската гарда.

Армијата има друга верзија на настаните, велејќи дека членови на Муслиманското братство се обиделе да упаднат во зградата, и војниците отвориле оган за одбрана. Тие велат дека еден војник бил убиен.

Како одговор на понеделничкото насилство, ултра-конзервативната партија Салафи Нур, кажа дека се повлекува од разговорите за формирање на нова влада.

Известувачката на Гласот на Америка Шарон Бер, која е во Каиро, вели дека е тешко независно да се потврди што се случило во понеделникот, но дека повлекувањето на Нур партијата натамошно ќе ги зголеми тензиите меѓу Египќаните.

Двете страни организираа масовни собири во Каиро и други градови по соборувањето на Морси минатата среда. Судирите од петокот оставија 36 лица мртви и повеќе од илјада повредени во целата држава.

Во Вашингтон, претседателот Барак Обама изрази обновена загриженост заради политичкото превирање, повторувајќи дека САД не се сојузуваат и не поддржуваат ниедна од египетските политички партии или групи.
XS
SM
MD
LG