Линкови за пристапност

Во Женева почна годишната конференција за бегалци


Високиот комесар за бегалци при ОН, Антонио Гутерес побара поголема финансиска поддршка за справување со глобалната мигрантска криза.

Кога Антонио Гутерес застана на чело на Агенцијата за бегалци на ОН во 2005-та, имаше 38 милиони раселени лица ширум светот. Сега, десет години подоцна, оваа бројка изнесува преку 60 милиони бегалци, баратели на азил и внатрешно раселени луѓе.

Изминативе пет години, УНЦХР јавува за 15 конфликти на Блискиот Исток, Африка, Азија и на други места, коишто или тукушто почнале, или повторно се разгорени. Агенцијата проценува дека во овој период бројот на лица секојдневно раселувани заради конфликтите, се зголемил речиси четирикратно.

Гутерес кажа дека станува се` потешко за светот да го игнорира напливот бегалци, со оглед на фактот дека заради петгодишната граѓанска војна во Сирија, мигранти почнаа да доаѓаат во Европа, поттикнувајќи ја најголемата бегалска криза на овој континент од почетокот на Втората светска војна, наваму.

Првиот човек на Агенцијата за бегалци на ОН ја потенцира колебливоста на Европа да се справи со денешната бегалска криза, давајќи го примерот за тоа колку брзо и хумано постапиле европските држави кога помогнале на 200-те илјади унгарски бегалци кои доаѓале во Австрија и Југославија во 1956-та година.

„Она што беше возможно тогаш, кога Европа и натаму се опоравуваше од најтешката војна во историјата, возможно е и сега. Од јануари, наваму, на европските брегови пристигнаа преку 500 милиони бегалци. Дневно да доаѓаат по 5.000 лица е мошне значителна бројка. Но, не е нешто со коешто човек не може да се справи, ако има соодветна координација“, вели Гутерес.

Гутерес изјави дека бегалската криза во Европа е само една од многуте. На пример, вели тој, милиони лица станаа бегалци или внатрешно раселени лица само изминатата година, заради конфликтот во места како Јужен Судан, Јемен, Централно Африканската Република, Нигерија, Украина и Авганистан.

Тој вели дека УНЦХР и другите хуманитарни агенции примиле нешто помалку од половина од средставата потребни за да обезбедат хуманитарна помош за 82-та милиона луѓе ширум светот. Гутерес додаде дека хуманитарниот систем не е оштетен, како што тврдат некои, но тој потенцира дека хуманитарниот систем е финансиски скршен и тоа мора да се поправи.

XS
SM
MD
LG