Линкови за пристапност

Клинтон: Потезите на Русија и Кина за Сирија се нетолерантни


Американската државна секретарка ова го изјави во Париз, на средбата со претставници од стотина земји.

Хилари Клинтон истакна дека не е доволно таканаречените „Пријатели на сирискиот народ“ да ги поддржуваат противниците на Асад кога Русија и Кина „го кочат напредокот“.

„Од вас барам да посегнете по Русија и Кина и не само да повикате, туку и да побарате нивен ангажман и поддршка за легитимните аспирации на сирискиот народ. Не е доволно само да се прикажувате како пријатели на сирискиот народ, бидејќи не мислам дека Русија и Кина веруваат дека плаќаат каква било цена за тоа што стојат на страната на режимот на Асад“, истакна Клинтон.

Русија и Кина на неколкупати ставија вето на иницијативата на Советот за безбедност на ОН за поостри санкции спрема Сирија. Сепак, тие се согласија на овластување на транзиционо владејачко тело за земјата, нешто што Клинтон потенцираше дека треба да биде дел од новата резолуција со која се бара имплементација на заедничкиот мировен план на Арапската лига и ОН.

Виши американски претставници кои патуваат со Клинтон, велат дека резолуцијата Член 7 нема да вклучува испраќање на трупи на ОН во Сирија, но ќе се фокусира на здружени меѓународни економски санкции.

Русија и Кина не се дел од овие разговори во Париз на кои учествуваат претставници од речиси 100 земји, вклучувајќи околу 40 странски министри.

Со оглед на тоа што Русија и Кина се согласија на потегот за формирање на преодна влада за време на средбата во Женева минатата недела, постојат спротиставени интерпретации за тоа дали тој договор значи дека претседателот Асад ќе мора да се откаже од власта.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека договорот во Женева не му наложува ништо на сирискиот народ, не поставува никакви предуслови за националниот дијалог и не исклучува никого од процесот.

За време на средбите во Париз, турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу изјави дека претседателот Асад и некои од земјите на средби во Женева, погрешно ја интерпретираат неговата иднина.

„Транзицијата вклучува промена. Зошто ни е потребна транзициона влада? Потребна ни е бидејќи постоечката влада не е легитимна, не е ефикасна за да ја контролира земјата и да го води транзициониот процес“, вели турскиот дипломат.

Давитоглу додаде дека со пролонгирање на процесот се зголемува опасноста и и`се дозволува на владата на Асад да врши дополнителни убиства.

ОН велат дека на преку милион Сиријци им е потребна итна хуманитарна помош и дека конфликтот во оваа земја е во критична фаза. Според светската организација, секташката граѓанска војна би била деструктивна како за Сирија, така и за регионот.

Раководителот на мисијата за мониторинг на ОН во Сирија, генерал-мајорот Роберт Муд истакна дека насилството достигнало ниво без преседан и дека мора да се постигне прекин на огнот пред невооружен набљудувачки тим да може да ја продолжи својата мисија.
XS
SM
MD
LG