Линкови за пристапност

Поранешниот потпретседател Чејни ја брани ЦИА


Вели - постапила точно како што побарала Белата куќа, воспоставувајќи програма за испрашување на осомничени терористи по нападите 2001-ва

Поранешниот американски потпретседател Дик Чејни тврди дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) постапила точно како што побарала Белата куќа, воспоставувајќи програма за испрашување на осомничени терористи по нападите на 11-ти септември 2001-ва година.

Чејни во интервју за вестите на ТВ-мрежата Фокс вчера кажа дека програмата била создадена за да се фатат одговорните за нападите и да се спречат нови напади. Тој подвлече дека ЦИА заслужува „големи пофалби“ а не осуда по објавувањето на сенатскиот извештај што наведува дека екстремните методи на испрашување ги минале законските граници и не дале корисни разузнавачки информации.

Бившиот американски потпретседател рече дека можеби имало некои проблеми со програмата, но дека официјалните лица „биле мошне внимателни да избегнат тортура“. Тој инсистира дека испрашувањето обезбедило информации што биле „витални“ за спречување на нови напади.

Сенатскиот извештај детално наведува бројни случаи во коишто осомничените биле „далеку побрутално“ третирани отколку што претходно беше обелоденето. Меѓу наведените методи се и притвор во исклучително мали ќелии, лишување од спиење, симулирање на давење во вода „капење во мраз“, „ректална рехидрација“, како и закани дека физички ќе бидат повредени роднините на осомничените.

Активистите за човекови права бараат официјалните лица, коишто биле вклучени во екстремните методи на ЦИА, да бидат кривично гонети. Владиниот Оддел за правда вчера соопшти дека САД се посветени на тоа да се придржуваат до своите домашни и меѓународни обврски, но дека би биле против странски кривичен прогон на американски официјални лица.

XS
SM
MD
LG