Линкови за пристапност

Народот се изјасни позитивно за важни иницијативи во САД


Поддржувачите на истополови бракови и легализирана употреба на марихуаната добија поддршка од гласачите во САД на вторничките избори.

Североисточната држава Мејн и државата од средниот Атлантик Мериленд станаа први две држави во САД кои го одобрија истополовиот брак преку народно гласање. Шест американски држави, вклучувајќи го и главниот град дозволуваат истополови бракови, но во тие случаи легализирањето дошло преку законодавците или судовите.

Со конечното пребројување на гласовите се` уште во тек, државата Вашингтон исто така се очекува да ја одобри таквата мерка, додека гласачите на Минесота се очекува да ја отфрлат уставната забрана на истополови бракови.

Ова исто така беа и први гласови на народот за истополови бракови откако претседателот на САД Барак Обама ја објави својата поддршка за тоа, порано годинава. Тие може да имаат влијание на американскиот Врховен суд, кој наскоро може да реши дали да го земе во работа предметот на оценка на федералниот закон кој забранува признавање на истополови бракови.

Државите Вашингтон и Колорадо одобрија легализирање на производство, продажба и поседување на марихуана за рекреативна употреба. Овие одобренија ги ставија тие држави наспроти федералната влада, која се` уште ја забранува марихуаната.

Слична мерка беше поразена во соседна држава на Вашингтон, Орегон.

Мериленд исто така ја одобри имиграционата иницијатива позната како DREAM акт, што ќе им дозволи на недокументирани имигранти да платат школарина за колеџ како жителите на таа сојузна држава.

Во целина, американските гласачи имаа пред себе над 170 прашања за кои требаше да се изјаснат покрај изборот на лица за државните органи. Вакви прашања генерално се ставаат на гласачко ливче кога ќе има доволно потписи на петиции за тоа.
XS
SM
MD
LG