Линкови за пристапност

За лидерите на Г7 глобалниот раст е итен приоритет


„Остануваме посветени на инклузивен економски растеж и создавање на работни места“, е речено во завршниот документ

Лидерите од Групата Седум (Г7) најбогати економии соопштија дека глобалниот раст е нивен „итен приоритет“ и на крајот на самитот во Јапонија искажаа загриженост за Северна Кореа, Русија и поморските спорови.

Завршното соопштение од средбата се однесува на широки проблеми со кои се соочува глобалната економија и ги затскрива разликите во ставовите помеѓу членките на групата во врска со фискалната стимулација.

„Слабата побарувачка и неразрешените структурни проблеми се клучни фактори од кои зависи реалниот и потенцијалниот раст“ се вели во декларацијата од 32 страници „Остануваме посветени на инклузивен економски растеж и создавање на работни места кои ќе им користат на сите сегменти од општеството.“

Членките беа едногласни против „конкурентната девалвација“ на нивните валути, договарајќи се да постигнат „силни и балансирани политики“ за „да постигнат посилен, одржлив и балансиран раст“ имајќи ги во предвид индивидуалните потреби на секоја земја.

Додека претседателот на САД Барак Обама беше оптимист за одржувањето на „моментумот на заживување кој се случува во САД“, јапонскиот премиер Шинзо Абе претстави попесимистички поглед за состојбата со глобалната економија, споредувајќи ги тековните економски услови со оние од 2008-ма година, кога падот на американската инвестициска банка „Леман брадерс“ предизвика глобална економска рецесија.

Многу аналитичари сметаат дека Абе ја прави оваа споредба за да му даде покритие за одложување на планираното зголемување на данокот на потрошувачка во Јапонија - потег кој не е поддржан од страна на некои лидери, како што е германската канцеларка Ангела Меркел, која е претпазлива со трошењето на јавните средства со цел зголемување на економскиот раст.

Лидерите на Г7 исто така ја повикаа Северна Кореја да се придржува на прописите на Обединетите Нации и да престане со сите тестирања на нуклеарно оружје, лансирања на проектили и други „провокативни активности“.

Групата ја осуди анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија, сметајќи ја за незаконска.

Лидерите на Г-7 предупредија на „понатамошни рестриктивни мерки“ со цел Москва да ја плати цената, но додадоа дека санкциите би можеле да бидат укинати ако Русија исполни одреден критериум, како што е целосното почитување на украинскиот суверенитет.

Без директно да се спомене Кина, конечната декларација вети помош во решавање на жешките територијални спорови во Јужното Кинеско Море, каде што Кина активно гради вештачки острови, и покрај оспорувањето на соседните земји.

Годишниот самит на Г7 во која членуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД се одржа во централниот дел на Јапонија.

XS
SM
MD
LG